27.07.2012, 14:07 Избрана новата српска Влада
Српската Влада на премиерот Ивица Дачиќ денеска е избрана со мнозинство гласови во Парламентот.
За новиот кабинет со јавна прозивка гласаа 142 пратеници, а 72 беа против.
Новата влада ќе има четворица потпретседатели и 19 членови и ќе биде најмалата од 1990 година. Кабинетот на Дачиќ ќе има 17 министри, како и четири Канцеларии: за Косово, за човекови и малцински права, за цркви и верски заедници и за дијаспора.
На изборот за влада претходеше маратонска расправа околу експозето, која траеше цели 10 часа.
Во новата Влада, која ја сочинуваат коалицијата СНС, СПС-ПУПС-ЈС, УРС, СДПС и СДА, премиер и министер за внатрешни работи е Ивица дачиќ, а потпретседател одговорен за одбрана, безбедност и борба против корупцијата и криминалот, како и министер за одбрана, ќе биде вршителот на должност лидер на СНС Александар Вучиќ.
Потпретседател за евроинтеграции и министер без ресор е Сузана Грубјешиќ од УРС, потпретседател и министер за труд и социјална политика е Јован Кркобабиќ (ПУПС), додека местото потпретседател и министер за надворешна и внатрешна трговија, телекомуникации и информатичко општество му припадна на Расим Љајиќ (СДПС).
Иван Мркиќ од СНС ќе биде новиот шеф на српската дипломатија, а од истата партија доаѓа и министерот за правда Никола Селаковиќ.
Министер за финансии и економија ќе биде лидерот на УРС Млаѓан Динкиќ, а српското министерство за здравство ќе го предводи Славица Ѓукиќ Дејановиќ од СПС. |