28.07.2012, 15:51 Tоплотен бран од жолта фаза
Температурата денеска ќе се движи од 33 до 41 степен, а ќе има и висок УВ индекс 9
Топлотен бран од жолта, односно алертна фаза, денеска ќе ја зафати територијата на целата држава, информира Министерството за здравство, повикувајќи се на најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи.
Температурата според информациите од УХРМ ќе се движи од 33 до 41 степен, а ќе има и висок УВ индекс 9.
Од Министерството посочуваат дека согласно Акцискиот план, здравствените институции во државата се подготвени за обезбедување здравствена заштита на евентуалниот зголемен број пациенти поради влијанието на високите температури.
На населението му се препорачува заштита од дирекна сончева изложеност, избегнување на престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица, потенцираат од Министерството за здравство.
Мало опаѓање на температурата за некој степен се најавува од утре, а поголемо од среда и четврток наредната недела. |