14.07.2012, 11:44 Почнува 50. јубилејна Галичка свадба
Во Галичник денеска почнува јубилејната 50. Галичка свадба на која невеста и зет се 27-годишната Даница Тортеска и 29-годишниот Трајче Лозаноски
Шестгодишната љубов тие ќе ја крунисаат со обичаите традиционални за печалбарското село Галичник.
Младенците живеат во Скопје, таа е дипломиран филолог и работи како преведувач во една издавачка куќа, а тој дипломирал на Машинскиот факултет. Избрани се во конкуренција со уште четири двојки кои се пријавиja на конкурсот.
Обичаите ќе почнат вечерва и ќе продолжат во недела за кога е планирана централната прослава и венчавката во црквата „Св. Петар и Павле“. Годинава настанот ќе го збогатат КУД „Кочо Рацин“, кое ќе настапи со ората „Тешкото“ и „Невестинско“, и со концерт на етногрупата „Калевала“.
Невестата, која на оваа манифестација има учествувано како статист, два дена ќе биде облечена во 25 килограми тешка носија составена од 46 делови.
Галичката свадба, која е организирана манифестација од 1963, во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.
По Галичката свадба и оваа година ќе следува Галичкото културно лето кое ќе трае до 18 август. Во негови рамки се двете колонии - книжевната на 10-ти, 11-ти и 12 август и ликовната - на 15 август. По повод полувековниот јубилеј, се подготвува и монографија за Галичка свадба која ќе биде промовирана во септември.
|