12.07.2012, 10:15 „Ромео и Јулија“ го отвора 52. „Охридско лето“
На сцената на „Античкиот театар“, голема уметничка екипа од Македонија и Русија, вечерва ќе ја изведе претставата од Шекспир во режија на Дејан Пројковски
Тина Иванова
Со театарскиот ораториум „Ромео и Јулија“, според истоименото дело на Шекспир, кој на едно место ќе ги обедини операта, балетот и театарот, вечерва во Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено 52. издание на фестивалот „Охридско лето“. Во режија на Дејан Пројковски, продукцијата на овој проект е на „Охридско лето“ и Народниот театар од Битола, а како копродуценти се јавуваат: Македонската опера и балет, театарот „Вера Комисаржевска“ од Санкт Петербург, Русија и Народниот театар од Охрид.
Фестивалот стартува со голема уметничка екипа, околу 150 учесници на сцената, а отворањето е најавено како своевиден спектакл. Режисерот Пројковски вели дека претставата „Ромео и Јулија“ е всушност триптих, затоа што ги обединува операта, балетот и театарот. „Идејата е да се најде нивниот баланс и да создадеме еден специфичен сценски јазик. Претставата ја носи приказната на Ромео и Јулија. Како се движи сижето, така се раскажува низ јазиците на операта, балетот и театарот, а некогаш пак, тие се обединуваат во некои сцени заедно.“ Тој смета дека е создаден еден голем сценски спектакл, бидејќи самата претстава ќе биде голема и спектакуларна поради естетиката која ја создале сите учесници заедно.
„Во самиот концепт, двете семејства Монтеки и Капулети се поделени. Македонската актерска екипа се семејството на Ромео, а Капулети, семејството на Јулија, се руските актери. Претставата се игра и на руски и на македонски јазик. Од самиот старт, таа ја шири својата универзалност, прво на јазиците, бидејќи љубовта се случува под сите околности. Од друга страна, пак, имаме 3Д-проекции кои првпат кај нас и во регионот ќе бидат проектирани, специфичен начин кога сценографијата софтверски се исцртува во посебен програм, и сметам оти ќе биде интересно за публиката која ќе дојде во Антички“, вели режисерот Пројковски.
За комуникацијата меѓу македонските и руските уметници, Пројковски истакнува дека токму тоа било интересно во целиот процес на работа, бидејќи тие многу бргу го совладале заедничкиот јазик. „Последните десетина дена во Скопје, обединети со балетот, хорот, оркестарот, направија голема интернационална уметничка сцена. Всушност, јас работејќи ја претставата повторно ги откривав убавините на операта, балетот, театарот, што е допирна точка за нив, што е специфично за нив и сл. Сметам дека еден ваков сценски проект само ги покажува убавините на трите уметности. Обединува��ето во еден сценски проект навистина е чест и задоволство.“
Музиката во претставата е од Сергеј Прокофјев и Шарл Гуно, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, кореограф е Сташа Зуровац од Хрватска, а диригент е Норман Виџаја од Израел. Актерската екипа ја сочинуваат: Евгенија Игумнова, Елена Симонова и Маргарита Бичкова, заслужни артисти на Русија: Александар Анисимов, Дејан Лилиќ, Петар Горко, Денис Пајонов, Никола Пројчевски, Горан Стојановски, Владимир Крилов, Соња Михајлова, Борис Чоревски, Петар Мирчевски, Филип Мирчевски, Борче Ѓаковски, Александра Сидорук, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски. Балетски солисти се: Александра Мијалкова и Леонард Јаковина, додека како оперски солисти ќе настапат Благица Поп-Томова, Ѓорѓи Цуцковски и Владимир Саздовски.
„Покрај основниот драмски пар со Ромео и Јулија, тука се Лео и Сандра, прекрасен балетски пар. Драмската структура е реалноста, она што се случува, она што го живееме. Балетот се појавува како сон на драмското дејство, а операта е всушност возвишеното, она што само некаде е во нашите срца или некаде над нашите глави. Така и се надополнуваат. Театарот во себе ја носи реалноста, бидејќи актерскиот израз ја има таа вистинска експресија, вистинска љубов. Театарот ја содржи вистината во себе. Балетот со движењата со сите негови изразни средства е идеален за нашата структура да биде сонот. Операта, пак, е возвишеното кое што ги опева сите тие чувства и емоции што се случуваат на сцената. Додека акробатите, се појавуваат на крајот на претставата и тие по смртта на Ромео и Јулија симболично ја претставуваат нивната вечна љубов некаде на небото. Претставата, всушност, ја носи пораката дека никој не може да ја убие смртта и по никаква цена“, вели Дејан Пројковски.
Актерот Горан Стојаноски, директор на Народниот театар од Охрид кој е копродуцент на проектот, вели дека за нив е голема чест да се биде дел од екипа��а која ќе настапи на Антички театар. „Минатата година се направи историски чин, се формира Охридскиот театар, а за една година направивме шест премиери. Токму затоа е и голема чест сега да се биде дел од екипата која ќе настапи на Антички, во нешто што на сцената ја вклопува целата уметност. Од Охридскиот театар ќе учествуваат четворица автори. Јас го играм отецот Лоренцо, а останатите се дел на фамилијата Каполети. Во живо на самото место има 150 артисти, музиката оди во живо и сето тоа само ја надополнува големината на настанот. Сум гледал одредени снимки со 3Д технологија и по тоа што можев да го видам изгледа фантастично“, вели Стојаноски.
Фестивалот за отворен ќе го прогласи неговиот покровител, претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.
До крајот на годинашното „Охридско лето“, љубителите на уметноста ќе имаат можност да проследат настани од областа на музиката, претежно класичната, во која се вклучени и оперските и балетските содржини, театарот, сликарството, а содржана е и оф-програма. Селекторите на програмата велат дека и годинава ќе бидат понудени најквалитетни уметнички остварувања. |