08.07.2012, 14:12 (ФОТО) „Кристален глобус“ за норвешкиот „Речиси маж“
Сузан Сарандон и ја посвети својата награда на неодамна починатата сценаристка и режисерка Нора Ефрон
Од нашиот известувач Сунчица Уневска
Карлови Вари - „Кристалниот глобус“ односно Гран-прито на 47. Филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка, го доби норвешкиот филм „Речиси маж“ во режија на Мартин Лунд. Жирито предводено од Ричард Пена, директор на Њујоршкиот филмски фестивал, а во кое беше и хрватскиот режисер Рајко Грлиќ, го сметаше овој филм за фаворит уште од самиот почеток. Младиот Лунд, кој има 32 години, го потпишува и сценариото за овој филм, кој зборува токму за еден маж на 30 години што не може да се соочи со одговорноста. Но, иако честа тема, Лунд успева да го води филмот многу инвентивно, силно и автентично и да создаде одлични карактери. Неговиот главен лик Хенрик, кој го игра Хенрик Рафаелсон, ја доби и наградата за главна машка улога.
Гран прито во Карлови Вари носи и парична награда, која изнесува 25.000 американски долари. „Глобусот“ на Лунд му го врачи холивудската актерка Сузан Сарандон, која беше и ѕвездата на вечерта, што секако за Лунд беше и повеќе од остварување на неговиот сон. Втората награда по важност, Специјалната награда на жирито, која носи и 15.000 американски долари, на изненадување на сите, ја доби италијанскиот филм „Пјаца Фонтана: Италијанска завера“ на познатиот режисер Марко Тулио Џордана.
Не дека овој филм не беше добро направен, напротив, тој е направен со многу голема посветеност на детали и речиси документаристички во обид да го реконструира терористичкиот напад од 1969 година во Милано, кога со поставената бомба во Националната земјоделска банка се убиени 17 и ранети 88 луѓе. Филмот ја следи истрагата на полицискиот капетан Луиџи Калабрези, фокусирајќи се токму на неговиот живот, кој ќе биде обележан со оваа трагедија, што ќе остане неразрешена. Но, она што сите го очекуваа, беше триумф на австриско-турскиот филм „Твојата убавина не вреди ништо...“ на Хусеин Табак, кој за жал не се случи, иако филмот се сметаше за фаворит и на критиката, а водеше и на листата на публиката.
Наградата за најдобра режија му припадна на канадскиот режисер Рафаел Кулет за неговата извонредна приказна за еден возач на камион, чиј живот по една автомобилска несреќа, на која ќе биде сведок, сосем ќе се измени. Филмот носи наслов „Камион“, а Кулет го потпишува и сценариото и монтажата. За најдобра актерка беше прогласена прекрасната иранска актерка Леила Хатами за улогата во филмот на нејзиниот сопруг, Али Мосафа, „Последниот чекор“. Леила Хатами и е позната на пошироката публика по филмот кој ја доби берлинската „Мечка“, „Надер и Симин: Разделба“. Хатами изгледаше прекрасно и покрај критиките во нејзината земја за тоа дека облеката и е многу модерна, а својата награда и ја посвети на нејзината мајка, исто така актерка. „Последниот чекор“ ја доби и наградата на Меѓународното здружение на критичари „Фипресци“.
Полскиот актер Ерик Лубос ја подели наградата за главна машка улога со Хенрик Рафаелсон. Лубос даде извонредна улога во интровертната драма за еден поранешен војник, „Да се убие дабарот“ на Јан Јакуб Колски. Додека чешкиот филм насловен како „Полски филм“ во режија на Марек Најбрт, еден вид квази документарец, во кој четворица школски другари, кои денес се актери, се играат самите себе, на сите им донесе Специјално признание.
Во програмата „Источно од Запад“ триумфот го понесе филмот „Куќа со купола“, кој е второ остварување на младата украинска режисерка Ева Неиман. Наградата на Неиман и ја врачи претседателот на жирито, македонскиот режисер Владимир Блажевски. „Куќа со купола“ се навраќа на Втората светска војна, но тоа не е воен филм, туку приказна видена низ очите на едно осумгодишно момче, која на многу интересен начин низ црно-бели слики говори за целата атмосфера во општеството, за депресијата, за исцрпеноста, за резигнираноста и индиферентноста кон страдањето на другиот. Филмот е направен по автобиографскиот роман на Фридрих Горенштајн, кој работеше и на сценариото за „Соларис“ на Тарковски. Специјалното признание во оваа програма го доби литванскиот научно-фантастичен филм „Аурора“ на Кристина Божуте, која си поигрува со прашањето, дали е можно да се живее во паралелен свет.
Наградата „Независна камера“, чие жири го предводеше иранскиот режисер Масуд Бакши, ја доби српскиот филм „Смрт на човекот на Балкан“ на Мирослав Мо��чиловиќ. Приказната во која по самоубиството на еден композитор ќе се соберат сите комшии и ќе се случат низа апсурдни ситуации, низ кои Момчиловиќ неверојатно добро го доловува балканскиот менталитет, била инспирирана токму од сличен случај. Како што самиот раскажа, бил сведок кога на тениско игралиште починал еден негов комшија, по што сите продолжиле да играат. „Дали тенисот е толку интересна игра или станавме бесчувствителни кон човечката трагедија“, рече Момчиловиќ по примањето на наградата.
Се разбира, ѕвезда на церемонијата на затворањето беше Сузан Сарандон, на која и беше врачена наградата „Кристален глобус“ за нејзиниот придонес кон светскиот филм. Сарандон беше одушевена од монтажата која беше направена со сцени од нејзините филмови и рече дека тој што ја правел навистина вложил многу труд и дека ни самата не би ја направила подобро. Таа беше многу трогната од целиот прием во Карлови Вари, како и од убавините на градот и вети дека ќе се врати со својата фамилија. Наградата со солзи и ја посвети на неодамна починатата сценаристка и режисерка Нора Ефрон. За затворањето беше одбран новиот филм на Вуди Ален, „На Рим со љубов“, кој беше многу забавен за публиката, но далеку под неговите претходни филмови посветени на Барселона и на Лондон.
|