12.07.2012, 15:53 На пеколни жештини, Пивофест разладува
Во Прилеп се е подготвено за почетокот на јубилејното 10-то по ред издание на „Пивофест“.
Штандовите каде се точи ладно, освежително пиво од бројни македонски и светски брендови,но и оние вкусна скара се отворени. Доаѓаат и првите гости, колку од градот, државата, толку и од странство. Туристичкиот воз, огромниот велосипед, пајтонот...штандот за масажа и отрезнување..едноставно се е подготвено за пречекот на туристите. Следниве три дена ќе се јаде, пие, ќе се игра и пее со музиката и изведбите на познатите балкански ѕвезди. Како шлагворд на забавата ќе биде настапот на Лепа Брена и Петар Грашо.
Од најмладите па до најстарите, цел Прилеп ќе живее со фестивалот на пивото. Освен на 26-те штандовите, и на тој простор од над 4000 м2 во центарот на градот каде што ќе има луда журка, веселбата ќе се одвива со сите ресторани во старата чаршија, во домови. Чаршијата секој дуќан ќе биде отворен со одлука на општинскиот совет до раните утрински часови. А во кафеаните, рестораните, баровите и куфулињата ќе биде уште повесело. Дополнителни доживувања, изненадувања, се во духот на Пивофест и за збогатување на забавата во градот на пивото и скарата.
„Одлично е. Ние доаѓаме од Швајцарија, специјално го темпиравме времето на нашата посета, да се совпадне со Пивофестот и да уживаме.Целото семејство со нашите роднини, еве допатувавме од Битола, за да уживаме во оваа забава„, изјавија гостите од Швајцарија кои ги затекнавме на еден од отворените штандови во Прилеп.
На Могилата ќе има простор за кампување, а камперите ќе бидат секое бесплатно послужувани со кафе, во знак на топло добредојде од домаќините, од организаторот, прилепската локална самоуправа.
„Очекуваме многу поголема посета од сите изминати години. Се е подготвено, останува туристите да не посетата и да уживаат во убавините, можностите за забава и релаксација што ги нуди ова јубилејно издание на Пивофест, кое ќе изминае во најдобар ред, зашто сме одлично екипирани и синхронизирани со тимовите од надлежните институции со цел во Прилеп пивожурката да биде беспрекорна од безбедносен и хигиенски, од здравствен аспект“, потенцира градоначалникот Марјан Ристески.
Во градот нема ниту едно слободно место во хотелите, а нема ни домаќинство кое нема да пречека барем еден гостин од другите градови кој сака да биде дел од оваа журка. (М.Т.)
|