11.07.2012, 15:24 Полицискиот синдикат со вода ќе ги разладува своите колеги
Шишиња со ладна вода и разладување и за полициските работници кои работните задачи ги извршуваат на отворено. Поради големите горештини, полицискиот синдикат испрати препорака како да се заштитат особено оние што се распоредени во позорникарската служба. Од денеска мобилни тимови на Македонскиот полициски синдикат ќе ги разладува со вода сите свои колеги кои патролираат на улиците.
Акцијата на МПС, симболично, почна пред Порта „Македонија“, бидејќи центарот на Скопје е местото каде што има и најмногу случувања, но и најголема фреквенција на луѓе.
„Македонскиот полициски синдикат во текот на вчерашниот ден испрати своја препорака што да се работи и како да постапуваат полициските работници во вакви временски услови какви што се деновиве. Беше донесена одлука наши мобилни тимови да дистрибуираат шишиња со вода за полициските работници, онаму каде што за тоа ќе се укаже можност и потреба“, вели претседателот на МПС Тихомир Климовски и појаснува дека полицајците освен што ќе бидат послужени со вода, ќе можат да влезат и во климатизираните возила на синдикатот за да се разладат.
Мобилните тимови на МПС ќе бидат распоредени во сите места каде што има потреба за тоа, а оние во Скопје ќе бидат во редовен контакт со колегите и ќе се појавуваат секаде каде што ќе се укаже потреба. (Љ.С.)
|