10.07.2012, 14:42 Нов контингент на АРМ замина во Авганистан
Во касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево денеска во присуство на министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал–мајор Горанчо Котески и градоначалникот на Кичево Благоја Деспотоски свечено беше испратен контингент на АРМ од составот на првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), во мировната мисија ИСАФ во Авганистан.
Командантот на контингентот потполковник Душан Станков во поздравното обраќање нагласи дека му претставува огромна чест и одговорност да го предводи овој состав кој во текот на подготовките постигна високи резултати во обучувањето за извршување на задачи за поддршка на мирот.
Присутните ги поздрави и министерот Бесими кој изрази огромно задоволство од, како што рече, покажаната одважност да ја браниме гордоста и честа на АРМ далеку од своите домови. Тој им се заблагодари на припадниците на АРМ - мировници на сериозниот придонес што го даваат во прилог на афирмацијата, позиционирањето и иманентноста на АРМ и на Република Македонија во светските процеси.
Во 13- та ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан ќе заминат 149 припадници на 1.мпбр кои заедно со најстариот национален претставник ќе бидат распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул. Македонските мировници во наредните шест месеци задачите ќе ги изршуваат во рамки на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што ќе бидат задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул. АРМ во најголемата мисија на НАТО во Авганистан учеството со механизирана пешадиска чета го започна во јуни 2006 година кога во првата четна ротација беа упатени припадници од 1.мпбр. За досегашното професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг. |