12.07.2012, 20:39 Груевски: Сум и ќе бидам предводник на македонизмот!
Кај нас има волја да се реши името, бидејќи во наш интерес е тоа прашање да биде надминато вели премиерот Никола Груевски
Премиерот Никола Груевски, изненадувачки, ја омекна реториката кон Грција. Конфронтирачките изјави тој ги замени денеска со апели за продолжување на разговорите, посочувајќи дека тоа е многу подобра солуција од политиката на постојано препукување. Во тој контекст, Груевски изрази добра волја веднаш да замине во Атина за да разговара за надминување на спорот со името, бидејќи, како што тврди, кај македонските власти има волја да се реши проблемот.
Груевски го повика грчкиот претседател, Карлос Папуљас, да внесе позитивна енергија во процесот. „Тој е доволно искусен, доволно возрасен и поминал многу во политиката, така што добро знае дека на ваков начин нема да може да ги решава работите, со постојано препукување за да се соберат некакви поени на домашен терен“, изјави премиерот, коментирајќи ги наводите дека тој е предводник на македонизмот, што на негова адреса ги упати претседателот на Грција.
Според Груевски, Грција, 21 година, на ваков начин собирала поени меѓу домашното население, меѓутоа не отишла далеку. „Погледнете што се случува сега таму. Затоа би им порачал да запрат со ваквите непродуктивни исфрлања негативни енергии, обвинувања, клевети“, рече тој.
Груевски ги повика грчките власти што поскоро да одредат локација за продолжување на разговорите, бидејќи тој бил подготвен во кое било време да оди на кое било место што тие ќе го одредат. „Ако кажат во Атина утре, утре одиме во Атина, да разговараме, да се надмине спорот и да се најде решение. Ако кажат во Брисел, одиме во Брисел. Ако сакаат во Скопје, во Скопје. Каде ќе одлучат, во кој состав ќе одлучат, на кој начин, битно е ден порано да се седне да се разговара за да се најде решение наместо да се испраќаат вакви негативни пораки и клевети“, рече Груевски.
Според него, кај нас има волја да се реши името, бидејќи, вели, во наш интерес е тоа прашање да биде надминато, да имаме пријателски односи со нашиот јужен сосед, да си помагаме, наместо да си одмагаме и да се бориме низ европските и светските институции како да се надмудриме...
Груевски посочи две опции за тоа како би можеле да се развиваат релациите меѓу Скопје и Атина во наредниот период: Едната е да се продолжи вака: „На начин кој досега го наметна Грција, а ние бевме затечени и моравме да го прифатиме“. Вториот начин за Груевски е поприфатлив, а тоа е: „Ден порано, а не недела порано, да седнеме, да разговараме, да најдеме решение и да го надминеме овој спор на задоволство на двете страни, се разбира, во консултација со граѓаните на Македонија, на организиран референдум“.
Премиерот вели дека иницијативите на македонската Влада за отворање нови гранични премини, за одбегнвуање на двојното одданочување..., не се случајни. Со нив очекувал да почне некаков дијалог и да почнат да се случуваат позитивни работи меѓу Македонија и Грција и енергијата да се насочува кон нешто што е позитивно. „Ако другата страна не сака да се почне со тоа и сакаат да почнеме исклучиво на решавање на проблемот со името, ние и тоа го прифаќаме. Во секој случај, ние сакаме на некој начин да предизвикаме добра волја од другата страна и позитивна енергија во правец на разрешување на прашањето, надминување на проблемите и продолжување заеднички помагање на едни со други, а не со правење проблеми“, изјави Груевски.
|