12.07.2012, 21:07 Вангеловски се откажа од трката за претседател на Врховен суд
Ќе се повтори конкурсот за избор на тројца врховни судии, како и за претседател на најголемиот суд во државата - Кривичниот суд. Ваков е исходот од денешното гласање на членовите на Судскиот совет, кои по долга пауза и едно одложување од „технички причини“, конечно избираа судии и претседатели на судови. Од 15 членови на Советот, не присуствуваше единствено судијата Вели Ведат, кој е на годишен одмор, додека министерот за правда, Блерим Беџети нема право на глас.
Како што соопшти денеска претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска, изборот на прв човек на Врховниот суд ќе се одржи следната недела, а во трката остануваат двајца кандидати: поранешната шефица на скопска „единица“, Лидија Неделкова, како и кривичниот судија Ристо Катавеновски. Актуелниот претседател Јово Вангеловски, кому мандадот му истекува на 17 јули, пред неколку дена ја повлекол кандидатурата. Тој во изјавата за нашиот весник не сакаше да ги објаснува причините за неговото повлекување, потенцирајќи дека тоа го направил од „лични причини“. Во судските кругови, ваквиот потег се толкува како вешт маневар, а во игра е игра е пуштена комбинацијата дека е многу веројатно да пропадне и овој конкурс. Во тој случај, Судскиот совет ќе мора да назначи вршител на должноста, кој не е од редот на пријавените на конкурсот. Тоа, пак, ќе значи одложување на мандатот на актуелниот претседател на „неопределено време“.
Нешто слично се случи и при изборот на првиот човек на Кривичниот суд, бидејќи ниту еден од двајцата кандидати (судиите Владимир Панчевски и Ѓоко Ристов), не им беа по волја на членовите на Советот. И двајцата добија само по шест гласа, што не беше доволно за избор. Но, затоа изборот за претседател беше успешен за Основниот суд во Кратово и во Апелациониот суд во Гостивар, каде што беа избрани Ружица Здравкова и Шефает Хајдари.
|