10.07.2012, 15:07 Сто милиони денари за 550 нови вработувања
Невработените лица и фирмите од денеска можат да аплицираат во Агенцијата за вработување за користење на придобивките од владиниот проект за кредитирање микро и мали претпријатија со отворање нови работни места, наменет за проширување на сопствен бизнис. Со 100 милиони денари од државниот Буџет за кредитирање со оваа социо-економска мерка се очекуваат 550 вработувања.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски апелира до фирмите што ги исполнуваат условите да поднесат апликации во работните клубови на 30-те центри за вработување во целата држава, согласно објавениот оглас.
Мерката се воведува првпат. Модифицирана е соодветно на искуствата од претходните години, делумно различна од тие што ги имавме претходно, а од една страна е и мотивација особено за правните субјекти кои почнаа сопствен бизнис со поддршка во претходните години, соопшти министерот Ристовски.
Корисници на парите од владината мерка можат да бидат микро и мали претпријатија регистрирани најмалку една година пред денот на објавување на јавниот оглас и што имаат најмалку двајца вработени минимум три месеци, а не го намалиле бројот на вработените во последните шест месеци. Ќе може да има вработување за евидентирани невработени најмалку три месеци до денот на објавата на јавниот оглас.
Кредитирањето изнесува 3.000 евра по вработено лице, со максимум износ до 9.000 евра, за три нововработени лица односно три нови работни места. Фирмата што ќе вработи лица со пари од овој проект има обврска да ги задржи на работа најмалку 36 месеци од денот на засновање на работниот однос или на нивно место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Во спротивно, ќе треба предвремено да го врати кредитот во целост. |