12.07.2012, 13:43 Казнети 83 фирми со забрана за работа на отворен простор
Министерот Ристовски најави дека ако се утврди непочитување на забраните, ќе следуваат и прекршочни пријави од трета категорија
Државниот инспекторат за труд во изминатите три дена издаде 83 решенија за забрана за работа на отворен простор од 11 до 17 часот поради непосредна опасност по здравјето на вработените, поради високите температури и зголеменото УВ зрачење.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција најави дека надзорите продолжуваат и во наредниот перод и доколку се утврди непочитување на забраните, ќе следуваат и прекршочни пријави од трета категорија во висина од 5.000 до 8.000 евра за правниот субјект и 500 до 1.000 евра за одговорното лице на правниот субјект.
- Законот за безбедност и здравје при работа е дециден - работодавачот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект. Едноставно кажано, на отворен простор и под ведро небо нема елементарни услови за работа, особено во најтоплиот дел од денот, рече Ристовски.
Она што особено ме радува, нагласи, е фактот што при досегашните контроли не е утврдено прекршување на претходно изречените забрани и истакна дека доколку се утврди, без разлика за која фирма се работи, ќе следуваат санкции.
- Ние не можеме да ги промениме факторите кои влијаат врз условите за работа, но затоа пак можеме да ја промениме свеста на работодавачите да ги заштитат работниците од топлото време, затоа што ниту една улица, булевар, водовод, зграда или објект не вредат повеќе од еден човечки живот, додаде Ристовски.
Министерот потенцираше дека на бројот 15131 граѓаните и натаму може да пријавуваат злоупотреба на работниците, како и непочитување и прекршување на владините мерки донесени поради топлотниот бран и портокаловата фаза на територијата на целата држава.
|