11.07.2012, 14:50 Државната матура положена со просечна оценка 3,10
Од вкупно 19.052 кандидати на тестирањата во јуни, матурата не ја положиле 2.632
Просечната оценка на државната матура во јуни е 3,10. Овие прелеминарни резултати вчераа ги соопшти Министерството за образование и наука,оценувајќи дека успехот е приближно ист како во изминатите четири години, откако државната матура се спроведува во Македонија.
Највисоката просечна оценка годинава има по предметот германски јазик (4,27), кој го полагале 142 матуранти, а највисок процент на кандидати што паднале во сооднос со бројот на пријавени има на француски јазик. Тој предмет не го положиле 52 од 285 или 18,2 отсто, а просечната оценка е 2,87. Просеците по англиски и руски се 2,95 и 3,34.
Слични како и во минатите години се просечните оценки по задолжителниот предмет (мајчин јазик и литература): македонски (3,32), албански (3,01) и турски (3,52). Притоа се има предвид дека за преодна оценка кај мајчините јазици се потребни најмалку 36 од 100 бода, а кај странските јазици минимум 22.
Во однос на минатите години, има зголемување на просечната оценка по предметите математика основно (3,02) и напредно ниво (3,84), иако е се уште многу мал бројот на ученици што се пријавуваат за да го полагаат (2.141 и 19). За положеност основно ниво се потребни најмалку 20, а за напредно најмалку 26 бода.
Министерот Панче Кралев на прес-конференцијата рече дека е тоа посебно значајно заради упис на техничките науки кои МОН ги промовира со кампања за да привлече што повеќе студенти.
Не паднал ниеден пријавен по предметите естетика и филозофија, кои како изборен предмет ги полагаат матурантите од уметничките училишта и за кои се потребни најмалку 21 и 20 бода. Просечната оценка кај нив е 2,68 (естетика) и 3,1 (филозофија).
Од вкупно 19.052 кандидати на тестирањата во јуни, матурата не ја положиле 2.632 (од кои седум биле отстранети на полагањето на испитите, на 9-ти и и на 12 јуни). Ова не е конечен број и може да се измени ако се прифати некој приговор.
Матурантите кои не ја положиле матурата или еден од двата испита, ќе може да се пријават на тестовите идниот месец, на 14-ти и 16 август. Без положена државна матура не може да конкурираат за упис на факултет.
МОН најави дека на 24 јули ќе ја објави ранг-листата на сите 104 средни училишта според постигнатите резултати на државната матура во 2012. Во изминатите четири години на прво место беше скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.
|