11.07.2012, 11:56 Мињон: За Грција претставува чест ако го прекине спорот за името
Мињон пред дваесет години ја потпиша петицијата со која се бараше признавање на Република Македонија под уставното име
За Грција денес би претставувало чест ако прекинe со борбата за името која доаѓа од некое друго минато време, вели претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Жан-Клод Мињон во изјава за Дојче Веле.
Мињон пред дваесет години, како млад француски пратеник ја потпиша петицијата со која се бараше признавање на Република Македонија под нејзиното уставно име. Денес тој не се откажува од потписот и смета дека проблемот со името е „проблем од некое друго минато време“ и за Грција би претставувало чест, ако прекине со борбата која доаѓа од некое друго време.
- Не жалам за мојот потпис, тој се наоѓа веднаш до името на еден голем француски политичар Филип Сеген, кој го почитував и за жал повеќе не е меѓу нас, рече претседателот на ПССЕ, Жан-Клод Мињон.
Според него, проблемот со името на Македонија е борба од некое друго минато време.
- Грција според мене денес има други нешта за кои треба да се грижи наместо за името кое треба да го носи оваа поранешна република од поранешната Југославија, смета Мињон.
Дваесет години по потпишувањето на петицијата за признавањето на Република Македонија под уставното име, тој се уште не може да сфати зошто се уште не може да се реши овај проблем.
- Тоа е неверојатно! Неверојатно и далеку од вистинските грижи на јавното мислење. Искрено, во 2012 година овој проблем изгледа второстепен, изјави Мињон.
Според францускиот парламентарец од редовите на сега опозициската УМП, потребно е да се гледа напред кон иднината.
- Ние сме во 2012 година, и мислам дека треба да се гледа напред. Кога се вози автомобил се гледа и во ретровизорите, но пред се се гледа далеку напред. Не гледаме постојано што се случува назад. Од друга страна сите демократии кои се родени по настаните во деведесетите треба да гледаат напред и да видат како заедно со ЕУ и со сите стари демократии можеме да изградиме подобра иднина за сите народи и да прекинеме да се бориме и караме за толку лоши проблеми или проблеми за кои не постојат причини да постојат повеќе и можеме да се запрашаме дали генерациите на иднината се заинтерсирани за вакви проблеми, вели Мињон.
За ситуацијата на Балканот, претседателот на ПССЕ оценува дека состојбата во регионот отсекогаш била многу кревка и затоа е потреба препазливост. Сепак, Мињон не го крие оптимизмот за земјите од регионот.
- Се разбира дека сум оптимист, а тука се и новите генерации кои пристигнаа, доволно е да се види таа желба за демократија, желба за слобода, за интегрирање. Еден од нашите приоритети треба да биди заедничката изградба на Европа и светот на утрешнината, вели претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) Жан-Клод Мињон. |