04.07.2012, 17:41 Се сврши синот на Каролина од Монако
Синот на принцезата Каролина од Монако, Андреја Казираги, се свршил со Бразилката Татјана Санто Доминго, соопштила неговата мајка.
„Со радост ве известувам за свршувачката на мојот син Андреја Казираги, со госпоѓицата Татјана Санто Доминго“, навела во официјалното соопштение Каролина од Монако.
Свршениците имаат по 28 години и се забавуваат седум години. Датумот на венчавката се' уште не е одреден, се наведува во соопштението.
Андреја Казираги е постариот внук на принцот Алберт Втори од Монако. Тој е втор по ред за наследување на престолот на Монако, по мајка му Каролина. Негов татко беше Стефано Казираги, вториот сопруг на Каролина, кој загинал во 1990 година, во сообраќајна несреќа во Монако.
Како што е случај и со неговата сестра Шарлота и братот Пјер, името на Анреја Казираги често се споменува во таблоидите. Во декември минатата година, полицијата го запрела кога возел 200 километри на час на автопатот во Бургоња, во Франција. Полицијата му го одзела автомобилот „ауди А6“, како и возачката дозвола и дома се вратил со воз. |