03.07.2012, 15:16 Жак Доајон и Ева Јонеско меѓу охриѓани
Доајон снимил триесетина филмови, добитник е на многубројни признанија, снима главно некомерцијални, уметнички филмови настојувајќи да направи дистинкција со холивудските блокбастери
Охрид - Организаторите на Францускиот филмски фестивал во Охрид, кој официјално беше отворен на 30 јуни, денеска одржаа прес-конференција на која присуствуваа меѓу другите и режисерот и почесен гостин на Фестивалот и овогодишен добитник на Наградата за животно дело, Жак Доајон, и прославената дива на францускиот филм, актерката и режисерка Ева Јонеско, но и актерите Абрахам Белага и Елоди Навар. Доајон снимил триесетина филмови, добитник е на многубројни признанија, снима главно некомерцијални, уметнички филмови настојувајќи да направи дистинкција со холивудските блокбастери. „Ова е време на криза за некомерцијални филмови. Се' потешко се доаѓа до пари, златното време на уметничкиот филм беше од 1950 до 1980 година“, рече Доајон.
Ѕвездата на Фестивалот, Јонеску, е авторка на сценариото и режисерка на филмот „Мојата малечка принцеза“, прикажан во Охрид. Станува збор за екранизираната животна приказна на Јонеско со прославената француска филмска дива Изабел Ипар во главната улога. Како актерка, Јонеско дебитирала кај Роман Полански во „Закупецот“ во 1976 година.
Фестивалот на францускиот филм во Охрид е најзначајната француско-македонска културна манифестација во Македонија. (В.М.)
|