05.07.2012, 15:02 Ѓоковиќ и Федерер „прелетаа“ до меѓусебно полуфинале
Првиот и третиот носител без трошка неизвесност ги минаа своите четвртдинални противници, Маер, односно Јужни
Откако Рафаел Надал беше рано исфрлен, стана јасно дека годинашниов Вимблдон ќе нема вистинско финале и дека таа улога ќе ја земе полуфиналниот судир меѓу Новак Ѓоковиќ и Роже Федерер. Двајцата најголеми фаворити, како договорени, лесно и бргу се ослободија од своите четвртфинални противници, подготвени да се фокусираат на меѓусебното полуфинале. Ѓоковиќ, за еден час и 45 минути „му го најде крајот“ на Флоријан Маер, со 6:4, 6:1, 6:4 иако Германецот пружи достоен отпор во првиот сет. Федерер, пак, за час и пол „го реши“ Михаил Јужни со 6:1, 6:2, 6:2 запишувајќи ја 14 победа во 14 меч против рускиот тенисер. Денешното полуфинале ќе биде 28 меч меѓу Федерер и Ѓоковиќ но само прв на Вимблдон. Досега Швајцарецот води со 14:13, а ако успее да ја зголеми предноста би дошол на чекор до трофејот што пак би значело негово враќање на врвот на АТП листата.
Во сенката на големото дерби, Енди Мари и Жо-Вилфред Цонга ќе се обидат да ја искористат неповторливата можност, во отсуство на Надал, релативно полесно да стигнат до финалето на „Олингланд клаб“. Мари го надвладеа притисокот од домашните навивачи и ги задоволи нивните желби, совладувајќи го Давид Ферер со 3:1. Седмиот носител поведе во првиот сет, со 7:6, но Мари освои три сета по ред, од кои два исто така во тајбрејк. И на Цонга му требаа четири сета да го мине Колшрајбер, сепак тој целосно го скрши противникот во последниот период добивајќи го за речиси три часа, еден помалку од мечот Мари-Ферер.
Резултати четвртфинале: (мажи) Ѓоковиќ (1, Србија) - Маер (31, Германија) 6:4, 6:1, 6:4; Федерер (3, Швајцарија) - Јужни (26, Русија) 6:1, 6:2, 6:2; Мари (4, В. Британија) - Ферер (7, Шпанија) 6:7, 7:6, 6:4, 7.6; Цонга (5, Франција) - Колшрајбер (27, Германија) 7:6, 4:6, 7:6, 6:2;
|