08.07.2012, 12:05 Кошаркарите на Русија и на Литванија се пласираа на Олимпијада
Русите во полуфиналето во Каракас ја поразија Нигерија со 85:77, додека Литванците убедливо ја совладаа Доминиканска Република со 109:83
Кошаркарските репрезентации на Русија и на Литванија, по победи во полуфиналните натпревари против Нигерија, односно Доминиканска Република, изборија учество на Олимписките игри што летово ќе се одржат во Лондон.
Доцна синоќа во полуфиналето на квалификацискиот олимписки турнир што се игра во Каракас (Венецуела) Русите ја задржаа предноста која ја имаа во текот на најголемиот дел од натпреварот и на крајот победија со 85:77.
Првото полувреме им припадна на руските кошаркари со резултат 46:31. Нигеријците направија обид за пресврт во вториот дел, но Андреј Кириленко и соиграчите не дозволија да бидат изненадени. Алексеј Швед со 22 и Кириленко со 19 поени беа најзаслужни за победата на руската репрезентација.
Во второто полуфинале рано утрово по македонско време Литванија ја победи Доминиканска Република со 109:83. И на овој дуел уште на полувремето победникот имаше голема предност од 16 поени разлика (52:36), што се покажа како доволна за конечен триумф и пласман на Олимпијадата.
Третиот и последен патник на ОИ од овој турнир ќе се знае по вечерашниот натпревар за третото место меѓу поразените полуфиналисти Нигерија и Доминиканска Република.
|