03.07.2012, 19:49 Шкендија ремизираше без голови против Портдаун
Иако имаа повеќе од играта на стадионот во Куманово сепак тетовци не успеаја да стигнат до погодок против дефанзивно ориентираните гости
Куманово - Шкендија не успеа да стигне до триумф во првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа откако денеска на „Милано Арена“ во Куманово одигра без голови против Портдаун од Северна Ирска.
Иако имаа повеќе од играта на стадионот во Куманово сепак тетовци не успеаја да стигнат до погодок против дефанзивно ориентираните гости. Во првиот дел фудбалерите на Шкендија имаа дури пет убави можности, но гостинскиот голман ги одбрани ударите на напаѓачот Музафер Ејупи во 10. и во 41. минута, како и оние на Емини во 34. минута и Неби Мустафи во самиот финиш на првите 45 минути.
Во второто полувреме најголемата шанса ја имаше нововлезениот Хасан во 78. минута чиј удар исто така го одбрани голманот на Портдаун, Мискели. Гостите од Северна Ирска само два пати директно се заканија по голот на Ников, но убавата шанса во 82. минута не успеа да ја реализира Мареј.
Шкендија упати дури 22 шута, од нив шест во рамките на голот, имаше два зицери, изведе десет корнери, но сето тоа ќе остане само обична статистика.
Задутре, Ренова против Либертас од Сан Марино однонсо Металург против Биркиркара на Малта ќе се обидат да донесат некој рејтинг поен повеќе на македонскиот фудбал и да го продолжат настапот во квалификациите за Лига Европа. (С.Д.)
|