05.07.2012, 19:59 Радванска против Вилијамс во женското финале на Вимблдон
Третата фаворитка Радванска, во два сета (6:3, 6:4) ја совлада Германката Кербер, додека Серена во полуфиналето беше подобра од Азаренка од Белорусија со 6:3, 7:6
Агњешка Радванска од Полска и Американката Серена Вилијамс ќе играат во женското финале на неофицијалното Светско тениско првенство, Вимблдон.
Во првиот полуфинален меч кај дамите одигран попладнево на централниот терен во Лондон, третата фаворитка Агњешка Радванска, во два сета со 6:3 и 6:4 ја совлада осмата носителка Анжелике Кербер од Германија.
За Радванска ова ќе биде прво финале на Гренд слем турнирите, додека нејзината противничка Серена Вилијамс ќе се обиде по петти пат да го освои пехарот на најпрестижниот тениски турнир.
Серена до таа можност дојде откако во полуфиналето ја победи ланската полуфиналистка Викторија Азаренка од Белорусија во два сета со 6:3 и 7:6 по гемови.
Женското финале на „Вимблдон“ ќе се игра в сабота, додека утре на програмата се полуфиналните мечеви во машка конкуренција во кои ќе играат: Новак Ѓоковиќ - Рожер Федерер и Енди Мареј - Жо Вилфред Цонга.
|