06.07.2012, 12:06 Преку Доминикана до полуфинале
Кошаркарите вечерва во 23,30 часот го играат четвртфиналниот дуел во Каракас
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва има шанса да испише нова страница во својата историја. Нашите херои го добија противникот што го посакуваа уште на стартот на квалификацискиот турнир, ја избегнаа Русија и преку селекцијата на Доминиканска Република ќе бараат место во полуфиналето. Мечот во „Полиедро арена“ почнува во 23,30 часот и во него нашиот национален тим нема право на грешка. Добра работа е што репрезентативците имаа два дена пауза, доволно време за одмор и корекција на слабостите што беа видливи во дуелите со Ангола и Нов Зеланд.
Доминиканска Република се покажа како незгоден и квалитетен противник што не смее да се потцени во никој случај. Трпеливоста е главна одлика на Доминиканците кои играат брза кошарка, а најчесто акциите ги завршуваат под обрачите. Притоа не форсираат шут од дистанца и полудистанца. Ал Хорфорд од НБА-тимот на Атланта е главна ѕвезда во репрезентацијата, па затоа и нашата одбрана мора да функционира максимално. Доминиканците со голема претпазливост ќе влезат во четвртфиналниот дуел.
„Вечерашниот наш противник има исклучително силен состав поради што нема да ни биде лесно да дојдеме до посакуваната победа. Тоа ќе биде вистинска војна на паркетот од која се надевам дека ќе излеземе како победници. Македонските кошаркари се одлични шутери. Мора да бидеме максимално агресивни во одбраната и да не им дозволиме да влезат во ритам. Верувам дека можеме да го направиме тоа“, изјави селекторот на Доминиканска Република, Калипари.
МЕКЕЈЛЕБ НАЈДОБАР АСИСТЕНТ НА ТУРНИРОТ
Лестер Бо Мекејлеб е најдобар асистент по првата фаза на предолимпискиот турнир во Венецуела. Репрезентативниот бек во просек има по осум асистенции и заедно со Мантас Калниетис од Литванија го делат првото место во оваа категорија. Зад нив е Василис Спанулис од Грција.
Импресивните бројки за македонскиот плејмејкер не застануваат тука. Мекејлеб се наоѓа на четвртото место на листата на најдобри стрелци со 22 поена во просек по натпревар.
Најдобар поентер по првата фаза е Ал Хорфорд од Доминиканска Република. Просекот од 26 поени по натпревар говори дека нашите момци ќе мора да внимаваат најмногу на него.
Литванија или Порторико евентуални противници во полуфиналето
Доколку Македонија вечерва успее да ја совлада селекцијата на Доминиканска Република, за противник во полуфиналето ќе го добие подобриот од дуелот меѓу Литванија и Порторико.
Останатата двојка ќе ја формираат победниците од дуелите меѓу Русија - Ангола и Грција - Нигерија. (М.К.)
РАСПОРЕД, ЧЕТВРТ-ФИ��АЛЕ, ДЕНЕСКА
17,30 часот: Русија - Ангола 20,00 часот: Грција - Нигерија 23,30 часот: Македонија - Доминиканска Република 02,00 часот: Литванија - Порторико
|