03.07.2012, 18:37 Мари против Ферер во четврт-финалето
Четвртиот носител на Вимблдон подобар од Чилиќ, а Шпанецот од Дел Потро
Британската гордост ги одржа надежите за радост на домаќините на Вимблдон. Енди Мари полесно од очекувањата го елиминира својот осминафинален противник Марин Чилиќ од Хрватска. Четвртиот фаворит не само што не загуби сет, туку доминираше против Чилиќ, со исклучок на првиот сет, кој го доби со 7:5. Вториот и третиот бргу ги заклучи со 6:2 и 6:3 и се избори за четвртфинален дуел со Давид Ферер. Шпанскиот специјалист за земја го уништи дербито на колото и многу лесно го мина Хуан Мартин дел Потро со 6:3, 6:2, 6:3.
Дождот на „Ол ингланд клаб“ ја развлече осминафиналната програма кај тенисерите, кои во два дена ја пополнуваа шемата за четвртфиналето. Роже Федерер и Михаил Јужни ќе вкрстат меѓу најдобрите осум, откако Швајцарецот го помина Хавиер Малис од Белгија, а рускиот тенисер во пет сета го елиминира Денис Истомин од Узбекистан. Немаше проблеми ни првиот фаворит Новак Ѓоковиќ од Србија, кој го совлада сонародникот Виктор Троицки без загубен сет.
Резултати од осминафиналето, мажи: Ѓоковиќ (1, Србија) - Троицки (Србија) 6:3, 6:1, 6:3, Федерер (3, Швајцарија) - Малис (Белгија) 7:6, 6:1, 4:6, 6:3, Мари (4, Велика Британија) - Чилиќ (16, Хрватска) 7:5, 6:2, 6:3, Ферер (7, Шпанија) - Дел Потро (9, Аргентина) 6:3, 6:2, 6:3, Ф. Маер (31, Германија) - Гаске (18, Франција) 6:3, 6:1, 3:6, 6:2, Колшрајбер (27, Германија) - Бејкер (САД) 6:1, 7:6, 6:3.
Жени: Азаренка (2, Белорусија) - Ивановиќ (14, Србија) 6:1, 6:0, Кербер (8, Германија) - Клајстерс (Белгија) 6:1, 6:1, Радванска (3, Полска) - Џорџи (Италија) 6:2, 6:3, Кириленко (17, Русија) - Пенг (30, Кина) 6:1, 6:7, 6:3. |