05.07.2012, 13:06 Даница Тортеска и Трајче Лозаноски - младенци на 50. Галичка свадба
Јубилејната 50. Галичка свадба ќе се одржува на 14. и 15. јули, а на конкурсот биле пријавени уште четири двојки
Дваесет и седумгодишната Даница Тортеска и две години постариот Трајче Лозаноски се невеста и зет на годинашната, 50-та Галичка свадба што ќе се одржува на 14. и 15. јули. Шестгодишната љубов тие решиле да ја крунисаат со обичаите кои се традиционални во печалбарското село Галичник.
- Изненадени сме и среќни што сме избрани токму ние. Моја дамнешна желба е да бидам невеста на Галичката свадба, на која имам учествувано како статист, рече на прес-конференција Тортеска, која потекнува од Галичник. Уште повеќе е задоволна што е невеста на јубилејната манифестација, и покрај тоа што два дена ќе биде облечена во 25 килограми тешка носија составена од 46 делови.
Младенците живеат во Скопје, таа е дипломиран филолог и работи како преведувач во една издавачка куќа, а тој дипломирал на Машинскиот факултет.
На конкурсот што беше објавен во март биле пријавени уште четири двојки, но жирито по неколку селекции и интервјуа ги избрало нив за годинашни невеста и зет.
Александар Кржаловски од Месната заедница Галичник рече дека поради интересот за учество размислуваат да организираат свадби за две до три двојки во последователни викенди или на Галичката свадба да се венчаат по неколку двојки. Засега тоа е идеја, а критериумите остануваат исти - да имаат склучено брак и да се на возраст до 35 години. Предност е ако еден од младенците има потекло од Галичник.
Обичаите ќе почнат вечерта на 14 јули, сабота, и ќе продолжат во недела кога е и централната прослава и венчавката во црквата „Св. Петар и Павле“. Годинава настанот ќе го збогатат КУД „Кочо Рацин“, кое ќе настапи со ората „Тешкото“ и „Невестинско“, и со концерт на етногрупата „Калевала“. Кржаловски очекува голема посетеност.
Галичката свадба, која е организирана манифестација од 1963, во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.
По Галичката свадба и оваа година ќе следува Галичкото културно лето кое ќе трае до 18 август. Во негови рамки се двете колонии - книжевната на 10-ти, 11-ти и 12 август и ликовната - на 15 август. По повод полувековниот јубилеј, се подготвува и монографија за Галичка свадба која ќе биде промовирана во септември. |