03.07.2012, 17:39 Ѕвезда на Си-Ен-Ен призна дека е геј
Андерсон Купер, познат водител и веќе 20 години воен известувач, вели дека повеќе не можел да молчи
Лос АнЏелес - Андерсон Купер, познатиот водител на ТВ-мрежата Си-Ен-Ен и воен известувач, јавно призна дека е геј. Иако веќе долго кружат шпекулации за неговото сексуално определување, Купер до сега јавно не зборуваше за тоа, па така тоа не се спомнуваше дури ни во неговите мемоари. Сега тоа го направи во мејлот, објавен во блогот на британскиот писател и политички коментатор Ендру Саливен.
Во својот блок „The Dish“, на сајтот „Дејли бест“, Саливен пишува дека од Купер барал да му каже што мисли за личностите од јавниот живот кои отворено признаваат дека се геј, на што Купер му одговорил со долг мејл во кој признал дека и самиот е хомосексуалец и објаснил зошто во минатото за тоа не зборувал во јавноста.
„Иако поради работата сум во средината на вниманието на јавноста, се обидував да сочувам дел од приватноста во животот“, напишал тој.
Како еден од аргументите зошто не се изјаснувал, Купер ја навел работата со која се занимава.
„И од професионални причини сакав само да сочувам дел од приватноста. Откако пред 20 години почнав да известувам од воените подрачја, често престојував на опасни места. Заради сопствената безбедност, како и заради безбедноста на луѓето со кои работам, се трудам да имам добри односи со сите и да ги пренесувам приказните на другите луѓе, а не сопствените, што и навистина е моја работа“, напишал Купер.
Тој, меѓутоа, дополни дека повеќе не може да молчи.
„Разбрав дека со тоа што толку долго молчев за својот приватен живот, направив погрешно мислење дека сакам да сокријам нешто поради што ми е непријатно, со што се срамам и се плашам. Има се' повеќе случаи на мобинг врз млади луѓе и дискриминации и насилство кон луѓето од сите возрасни групи, како реакција на нивната сексуална ориентација и мислам дека поради тоа треба отворено да зборувам за себе“, пишува тој.
„Факт е дека сум геј, отсекогаш тоа сум бил и секогаш ќе бидам. Многу сум среќен, добро се чувствувам во својата кожа и се гордеам со себе“, заклучува Купер, повикувајќи го Саливен да го сподели неговото писмо со читателите. |