04.07.2012, 10:12 Нов портал на Европската библиотека
Порталот овозможува пристап до 200 милиони доверливи извори од национални и универзитетски библиотеки на 46 европски земји
Електронски пристап до 200 милиони доверливи извори од национални и универзитетски библиотеки на 46 европски земји им е достапен на истражувачите од цел свет на новата страница на Европската библиотека www.theeuropeanlibrary.org. Пребарувањето на огромен број материјали (дигитални и мултимедијални) е брзо и лесно, информира Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Сервисот е официјално пуштен во употреба на 27 јуни, на 41. годишна конференција на Здружението на истражувачки библиотеки од Европа -ЛИБЕР што се одржа во во Тарту, Естонија, пред околу 320 учесници од цела Европа.
Европската библиотека беше основана во 2005 година како сервис на ЦЕНЛ (Конференција на европските национални библиотеки) за пристап преку обединето пребарување до збирките на националните библиотеки низ Европа.
Новата Европска библиотека е резултат на иновативно партнерство меѓу ЦЕНЛ – Конференција на европски национални библиотеки и други три водечки библиотекарски организации: ЛИБЕР, ЦЕРЛ – Конзорциум на европски истражувачки библиотеки и Фондацијата „Еуропеана“. |