04.07.2012, 12:39 Тачи: Подготвен сум да разговарам со Николиќ и Дачиќ
Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека е подготвен да разговара со новиот претседател на Србија Томислав Николиќ и мандатарот на владата Ивица Дачиќ, и најави дека наскоро ќе излезе со „нова понуда“ за решавање на прашањето на северно Косово.
Иако во интервју за виенскиот весник „Пресе“, изборот на Николиќ и Дачиќ го оцени како „чекор назад, бидејќи досега нивните имиња беа поврзувани со лоши работи“, Тачи сепак додаде дека и Приштина ќе соработува со нив, кога тоа го прваат САД и ЕУ. -Мораме да работиме на подобрата иднина на нашите две земји. Ако Брисел и Вашингтон соработуваат со нив, тоа ќе го сториме и ние, нагласи Тачи.
Запрашан дали е подготвен да се сретне со Николиќ и Дачиќ, тој изјави дека е „комуникативен човек, кој сака да разговара со луѓето“.
-Нашата иднина треба да биде одбележена со соработка и околу тоа е можна средба, без разлика дали со премиерот или претседателот, рече Тачи, но и додаде дека секогаш мора да станува збор за средба на претставници на две суверени држави.
|