04.07.2012, 13:01 Јужен Тирол бара автономија
Малиот регион на северот на Италија населен претежно со германофони, бара поголема автономија од централата во Рим
За патник што доаѓа од Северот, посебно од Германија, Јужен Тирол е како прва реална слика од копнежот по Југот. Кога на Северот ноќен мраз уште може да им наштети на растенијата, во Јужен Тирол веќе е пролет и животот се чини полесен и побезгрижен. Но, само се чини, оти жителите на Јужен Тирол повеќе сметаат дека се наоѓаат во бура предизвикана од долговите на Италија и економската криза. Желбата за отцепување од Италија расте не само кај традиционалистите, како стрелецот Михаел Деманега од Салурн, кој студира инженерство во италијанскиот град Тренто.
„Ова е германско подрачје, а не италијанско. Ние сме воен плен од Првата светска војна. Мнозинството не сме Италијанци. Сметаме дека народот треба да реши дали да остане во Италија, или не“, вели Деманега.
Стрелците се сметаат себе си за носители на културното наследство; како свое постигнување си ги припишуваат заштитата на германофоното малцинство, гарантирана со уставот на Италија и признавањето како австриско малцинство во Италија. Но, сега во кризава, тоа не им е доволно. Овие политичари се нарекуваат себе си „Слободарски“, имаат се’ поголем прилив на членови и сонуваат за сопствена држава со свој устав.
„Ние Јужнотиролците овде работиме, редовно плаќаме даноци, овде се’ функционира, така да се каже, владее германски ред, и не може сега да се бара од нас да спасуваме туѓа држава. Тоа едноставно не оди. Затоа се креваат се’ повеќе гласови кои би сакале да си го побараме нашето право на самоопределување и дека можеме да се одвоиме од Италија“, објаснува Ули Маир, претседателка на Слободарската партија.
„Слободарите“ го одразуваат расположението на голем дел од малите и средни претприемачи, кои се разочарани од политиката на Рим: покачени се даноците и воведени се многубројни дополнителни даноци, за да се стават под контрола огромните државни долгови.
|