03.07.2012, 17:50 Градоначалникот на Старо Нагоричане никако да одговара за несреќата
Два и пол месеци по трагичната несреќа во Куманово, не е покренато обвинение за градоначалникот на Старо Нагоричане, Миодраг Јовановиќ (53), кој со службен автомобил прегази пешак. Јовановиќ не запре да му помогне на 31-годишниот Срѓан Лазаревски, кој почина по неколку дена. Од опозициската СДСМ вчера апелираа надлежните да не го забошотуваат случајот и побараа од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, која го доведе Јовановиќ на чело на општината, да побара негова оставка, бидејќи, според нив, тој веќе нема никаков морален кредибилитет да го води Старо Нагоричане.
Последните информации од кумановскиот Основен суд велеа дека се' уште се чека вештачење на предметот од Бирото за судски вештачења.
Кобната несреќа се случи на 21 април годинава на улицата "Драган Стопаревиќ" во Куманово. Околу 3,15 часот, Лазаревски, враќајќи се дома од пекарата во која работел, беше удрен од автомобил, а возачот побегна. Полицијата утредента утврди дека Јовановиќ ја предизвикал несреќата со службениот автомобил "шкода октавија". Против него беа поднесени кривични пријави за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќај и неукажување помош на повредено лице во сообраќајна незгода. Притвор не му беше одреден, туку одземен му е пасошот и има обврска редовно да се јавува на суд. Срѓан беше сопруг и татко на две малолетни ќерки. Во Куманово живееа под кирија, а по трагедијата, сопругата Милијана со децата се врати во родното село Орашац. (Г.А.) |