04.07.2012, 11:56 ЕК: Македонија во пакетот за проширување на ЕУ
За време на кипарското претседателство со Европскиот совет, нашата држава, сепак, ќе се најде на агендата на Самитот на ЕУ што ќе се одржи во декември
Европската комисијата ќе го усвои пакетот за проширување за време на кипарското претседателство со Европскиот совет, во кој ќе биде вклучена и Македонија, што значи дека нашата држава, сепак, ќе се најде на агендата на Самитот на ЕУ што ќе се одржи во декември. Ова за дописникот на МИА од Брисел го потврди Анка Падурару, шеф на службата за информирање во одделението за проширување на Европската унија во рамки на Комисијата.
Иако во првичната агенда на Кипарците за нивното претседателство, во делот за проширување на Европската унија не е спомената Македонија, туку само Црна Гора, Србија и Турција, на прашањето дали ЕУ заборава на нашата земја, која најдолго е на листата на кандидати за членство, упатено од дописникот на МИА до кабинетот на комесарот Филе, Падурару одговори дека пакетот за проширување што ќе го усвои Комисијата за време на кипарското претседателство, во кој ќе биде вклучена и Македонија, ќе служи како основа за одлуките на декемврискиот Совет за идната стратегија за проширување на Унијата.
За тоа како Комисијата го оценува напредокот и исполнувањето на Македонија на клучните точки од Високиот пристапен дијалог (ХЛАД), од кабинетот на еврокомесарот за проширување истакнуваат дека ова е важна фаза во поставувањето на основата за успехот на ХЛАД-от.
- Вашата земја работи на голем број клучни прашања, како што е изборната реформа, слободата на изразување и разгледување на Охридскиот рамковен договор. Важно е да се види добар напредок во овие области. Но, исто така е важно институциите и граѓанското општество да работат заедно, вели Падурару.
Со оглед на неодамнешните пофалби од комесарот Филе за исполнување голем број од точките во поглавјата 23 и 24 од Високиот пристапен дијалог, во Европската комисија не се крие дека оваа есен, по четврти пат можеме да очекуваме Македонија да добие позитивен извештај од Комисијата за започнување преговори за влез во ЕУ. Сепак, првиот човек на службата за информирање на еврокомесарот за проширување вели дека проценката на Комисијата ќе биде објавена во октомври.
- Македонија треба да се погрижи за продолжување на реформите и да ги обезбеди сите потребни информации за целосната оценка, особено во поглед на владеењето на правото, истакнува Анка Падурару, прес-офицер на одделението за проширување во Европската комисија.
|