03.07.2012, 13:47 И директорот на „Барклис“ си замина од функцијата
Генералниот директор на британската банка „Барклис“, Боб Дајмонд денеска поднесе оставка. Тој една недела беше под силен притисок на британските политичари и на дел од медиумите да ја напушти функцијата, откако финансиските власти открија дека банката „манипулирала со каматните стапки во меѓубанкарското работење“. За ваквото свое работење, од финансиските власти банката беше казнета со рекордно високо казна од 290 милиони фунти.
Во соопштението за оставката, Дајмонд кој е Американец, изјави дека се повлекува од функцијата за да се зачува угледот и позицијата што оваа банка го има во банкарскиот и во деловниот свет. Оставка завчера поднесе и претседателот на Управниот одбор на „Барклис“, Маркус Ејџас, но тој останува во банката се додека не биде определен негов наследник.
Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн го поздрави решението на Дајмонд да се повлече од досегашната функција, како значаен чекор за целата банкарска индустрија во Велика Британија, објаснувајќи дека тоа може да означи „нова ера за одговорноста“ во работењето во банкарството.
Оставката на Боб Дајамонд, кој беше подолго време под притисок на британските политичари од левицата, поради тоа што не сакаше да се откаже од високите бонуси што ги примаше изминатите години, доаѓа во време кога е отворена парламентарна истрага за работењето и на другите банки, како и за тоа дали има измама, а тоа значи и нечија кривична одговорност. Дајмонд денеска ќе се појави пред парламентарниот комитет за финансии и банкарство, околу случајот за кој тој поднесе оставка. Опозиционите лабуристи бараат јавна истрага за работењето на целиот банкарски сектор, по углед на оваа што сега ја води судијата, лорд Левисон, за стандардите во весниците и за прислушкувањето.
|