04.07.2012, 18:09 Каде ќе бидат жешките точки на локалните избори

„Утрински весник“ анализира каде можат да ги судрат копјата владините и опозициските партии на изборот за градоначалници и за совети на општините
Александра М. Митевска
Како што се загреваат партиските машинерии во очекување на изборите за градоначалници и за советници, така и на изборната мапата се' повеќе се исцртуваат можните коти за најжестока политичка пресметка во пролетта 2013. Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ влегуваат во оваа битка со голема предност, бидејќи имаат под контрола речиси две третини од општините во државата.
Затоа, пак, за опозицијата е поголем предизвикот да ги задржи општините во кои триумфираше и во 2009, како и да преземе дел од градовите што сега се во рацета на Владата, при што посебно се атрактивни поголемите градови, како и некогашните сдсмовски упоришта.
КОМПЛЕКСНИ ИЗБОРИ
Иако на локалните избори често им се дава второстепено значење, досегашната практика покажа дека токму во овие изборни циклуси се' водеа мошне големи битки, меѓу другото, и поради тоа што, тие досега, мошне јасно навестуваа во кој правец ќе дува ветрот на парламентарните избори. Освен тоа, локалните избори се' мошне комплексни, поради различните модели за избор на градоначалници (мнозински во два круга) и на советници (пропорционален во еден круг), како и поради тоа што резултатите не ретко ги принудуваат на „кохабитација“ властите во една општина, затоа што се случува градоначалникот и мнозинството во советот да бидат од различни политички опции.
Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, нормално, претставува најпрестижна точка на изборната карта. На неговата територија се запишани повеќе од 450 илјади гласачи или повеќе од една четвртина од избирачкото тело во државата. Поради тоа, политичката опција која ќе го освои главниот град се смета за релативен победник на изборите, иако за да се прогласи апсолутна победа треба да се имаат предвид и други параметри, како билансот на гласови на советничките листи или бројот на освоени градоначалнички места...
СКОПСКИ ОПШТИНИ
Од десетте скопски општини, како најинтересни за престојните избори се сметаат Центар и Карпош. За ВМРО-ДПМНЕ ќе биде мошне значајно да го задржи Центар (кој брои околу 44 илјади гласачи), каде што е сега градоначалник Владимир Тодоровиќ (кој најавуваше дека не планира да се натпреварува за втор мандат), меѓу друго, и за да може да продолжи со реализација на проектот „Скопје 2014“, кој е една од централните точки во владините политики, додека опозицијата најавува негово ревидирање, како и преместување на дел од спомениците, при евентуална смена на врвот. Но, ланските парламентарни избори покажаа дека во оваа општина има опозициско расположение, слично како и на претходните локални избори (2009), кога социјалдемократите освоија неколку стоотини повеќе гласови од ВМРО-ДПМНЕ на советничката л��ста, додека нивниот кандидат за градоначалник преживеа тесен пораз од кандидатот на владејачката партија.
За ВМРО-ДПМНЕ е предизвик и да го освои Карпош (над 53 илјади гласачи) , каде што моментно е градоначалник Стевчо Јакимовски кој претендира на уште еден мандат, бидејќи на сите локални избори досега во оваа општина победувал СДСМ. Оттаму и шпекулациите дека на поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ им се делеле нови лични карти со адреси во Карпош, за да може да влијаат на гласачката волја на локалните избори.
ЕТНИЧКИ МЕШАНИ ГРАДОВИ
Од општините со мешан етнички состав, односно каде што албанската заедница е мнозинство, најголеми битки се очекуваат низ оската Тетово-Гостивар-Кичево - Струга. Она што е за македонскиот политички камп Скопје, тоа е Тетово за албанскиот блок. Затоа се најавува дека владејачката ДУИ ќе ги употреби сите механизми за да ја поврати општината која прерасна во упориште на опозициската ДПА, откако таа во 2009 таму го освои единственото градоначалничко место ( со Сади Беџети). Во Гостивар ќе се кршат копјата меѓу сегашниот градоначалник, Руфи Османи, лидер на НДП, за кој е неизвесно дали овој пат ќе успее да издејствува поддршка од поранешните сопартијци од ДПА или и тие ќе му бидат конкуренција, и ДУИ, која ќе се обиде да си го поврати овој град.
За Струга(со повеќе од 57 илјади избирачи) и за Кичево (со над 26 илјади гласачи) се врти можноста ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да излезаат со заеднички кандидати за градоначалници, за да се фузираат гласовите на Македонците во овие општини каде што албанската етничка заедница е во тенко мнозинство. Но, во реалноста таквите шпекулации се граничат со невозможното. Струга и за овие локални избори се навестува како невралгична точка и поради невообичаената политичка конфигурација, бидејќи за градоначалникот Рамиз Мерко, кој е од редовите на владејачката ДУИ, се зборува дека е близок до опозициските социјалдемократи, кои од друга страна повторно го сакаат за кандидат нивниот коалициски партнер Фиат Цаноски, кој во 2009 за малку не стана градоначалник.
БАСТИОНИ
Во Охрид (каде што се запишани близу 54 илјади гласачи) битките за локалните избори никогаш не биле здодевни. Овој пат се очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги употреби сите ресурси за да го освои градот кој некогаш се сметаше за нејзино упориште, а во кој СДСМ веќе втор мандат ја има под контрола локалната самуоправа. Владејачката партија овој пат игра на картата дека паѓа популарноста на градоначалникот Александар Петревски, за кој се' уште не се знае дали по трет пат ќе биде кандидиран. Од друга страна, СДСМ очекува поддршка од ВМРО-НП, која се' уште има солидно влијание во овој град. Социјалдемократите, пак, на овие избори се насочени кон победа во Битола, една од најголемите општини (со речиси 93 илјади гласачи), каде што во два мандати е градоначалник Владимир Талески. За опозиционерите е олеснителна околност тоа што, во изминатиот период, во овој град се случија повеќе превирања меѓу локалните вмровци, а паралелно на површина испливаа и неколку афери, како и случаи на непотизам.
Како поспецифични општини може да се издвојат и Велес (близу 48 илјади избирачи) и Кочани (околу 34 илјади гласачи), кои до 2009 важеа за бастиони на левицата. На минатите избори во Велес, Аце Коцевски со мошне мала разлика ја изгуби битката за трет градоначалнички мандат од Горан Петров од ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори Коцевски повторно „напаѓа“, а како аргумент против владејачката партија ги има најавите за рестартирање на Топилницата. Во Кочани, актуелниот градоначалник Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ, извојува победа со околу две илјади гласа пред СДСМ. Но, Димитровски сега се повлекува. Тој неодамна изјави дека не планира да се бори за втор мандат и оцени дека централната власт го запоставува Истокот на државата. (А.М.М.)
|