Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
23.04.2012, 16:58
Шест дена во фокусот на книгата



Саемот на книгата почнува денеска и до 29 април во негови рамки ќе се одржат над 30 промоции

Тина Иванова

Скопскиот саем, од денеска до 29 април, ќе биде местото каде што на простор од пет илјади квадратни метри ќе бидат изложени новите, но и стари книжевни писанија на скоро сите македонски издавачки куќи, како и на издавачи од странство, во рамките на 24. издание на Меѓународниот саем на книгата. Најавени се неколку гостувања, а со тоа и авторски претставувања и специјални промоции, но продолжува и акцијата „Подари книга, подари богатство“, која стартуваше лани и која се очекува да стане редовна практика на Саемот на книгата. Најзначајната книжевна манифестација во земјава годинава носи издавачки куќи од Албанија, Турција, Бугарија, Србија и од Италија, кои заедно со македонските ќе ги донесат своите најнови литературни остварувања.

ГОСТУВАЊА ВО РАМКИТЕ НА МРЕЖАТА ЗА ПРЕВОД „ТРАДУКИ“

Богата промотивна програма организираат издавачките куќи „Готен“, „Темплум“ и „Блесок“, во партнерство со мрежата за превод „Традуки“. На Саемот на книгата во нивна организација ќе гостуваат четворица автори од странство, чии дела на македонски се преведени од споменатите издавачки куќи со поддршка на „Традуки“. Од Сплит доаѓа Ренато Баретиќ, чиј роман „Хотел гранд“ го издаде „Блесок“, а за неговата книга ќе зборува Венко Андоновски. Потоа, Душан Чатер, добитникот на националната награда за кратка проза на Словенија „Фабула“, за да ја промовира книгата „Џенехем“, во издание на „Темплум“. Од Србија, пак, гостува Саша Илиќ, кој годинава ќе издаде две книги во Македонија - „Берлинско окно“ („Готен) и „Падот на Колумбија“ („Темплум“). Неговото творештво ќе го претстави младиот српски критичар Саша Ќириќ. Двајцата гости се уредници на култното српско списание „Бетон“ и припадници на критичката струја млади српски интелектуалци. На Саемот ќе присуствува и култниот германски автор Кристоф Хајн, критичар, но и хроничар на советскиот социјализам во Источна Германија, чија книга „Туѓиот пријател. Змејска крв“ излегува во издание на „Готен“.

На саемот со свој промотивен штанд ќе се претстави и „Традуки“, каде што читателите ќе можат да ги видат книгите што во земјава се издадоа со поддршката добиена од овој фонд, но и ќе се запознаат со активностите и програмите на фондот и нивното присуство во регионот.

Во ГЕМ клубот, пак, паралелно со Саемот, ќе се организира и јавен разговор на тема „Авторот наспроти системот. Што можат писателите да направат во скудна доба“, имајќи предвид дека и Кристоф Хајн и Саша Илиќ воспоставуваат остра критика кон бившите социјалистички режими, но и кон денешните транзициски и демократски системи.

ВО СКОПЈЕ ДОАЃА И ХРВАТСКИОТ АВТОР РОБЕРТ НАПРТА

На 26 април на Саемот на книгата, „Матица македонска“ ќе го промовира романот „Луна“ на познатиот новинар, публицист, писател и сценарист, Роберт Напрта, кој по тој повод ќе гостува во Скопје. Станува збор за роман наменет за тинејџери во кој паралелно со современиот, реален свет, се појавува паралелен фантастичен свет, нешто налик на Хари Потер. Овој роман во Хрватска помина со одлична критика. Роберт Напрта, кој по мајка е Македонец, е мултимедијална личност, новинар, публицист, писател и сценарист на првата сапунска серија „Вила Марија“ и на серијата „Инспектор Ченс“. За својот творечки опус се закити со многубројни награди. Работел и како заменик и главен и одговорен уредник на информативната програма на ОТВ, на неделниците „Арена“ и „Студио“, а пишувал и за „Глобус“, „Младина“, „Старт“. Романот „Луна“ е негова трета книга.

„МАГОР“ ПРОСЛАВУВА 20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

„Магор“ годинава слави 20 години од постоењето, а јубилејот ќе го одбележи токму на Саемот на книгата, кога свои триесетина наслови од домашни и странски автори на читателите ќе им ги понуди со најголем попуст. Се издвојуваат „Пијаниот брод“ од Рембо, монографијата „Планетаризам“ на Киро Урдин, „Хотел Загорје“ од Ивана Симиќ-Бодрожиќ, хаибуните на Ило Гајтаноски...

„ТРИ“ ЈА НОСИ АВТОБИОГРАФИЈАТА НА ЖАРКО ЛАУШЕВИЌ

Издавачката куќа „Три“ ќе ја промовира автобиографската книга на Жарко Лаушевиќ - „Годината минува, денот никогаш (дневник за една робија)“, книга што предизвика над 300.000 читатели во бивша Југославија, а „Утрински весник“ ексклузивно објави пет продолженија. Лаушевиќ нема да дојде во Скопје, иако бил поканет од македонската издавачка куќа. Од „Три“ ги најавуваат и промоциите на новата збирка раскази „Дрско црвен кармин“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „Јазикот на цвеќињата“ од Ванеса Дифенбо, „1Q84“ од Харуки Мураками, „Фама за велосипедистите“ од Светислав Басара, „Сенки од Еднорог“ од Ракел Мартинес, „Дувачот на стакло од Мурано“ од Марина Фиорато...

НА САЕМОТ И НАГРАДЕНИОТ РОМАН НА „УТРИНСКИ ВЕСНИК“

Издавачката куќа „Или-или“ ќе претстави неколку нови изданија, како „Куќа за средби“ од Ален-Роб Грије, „Берлински тополи“ од Ане Б. Рагде, „Бања“ од Жан-Филип Тусен, „Крајот на еден семеен роман“ од Петер Надаш, „Болестите на модерното време“ од Чарлс Тејлор. Сепак, главниот акцент ќе биде ставен на романот „Единаесет жени“ од Снежана Младеновска-Ангелков, годинашен добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Читателите ќе имаат можност за средба со авторката на штандот на издавачот, в петок од 16 до 20 часот.

Љубителите на книгата ќе можат да го посетуваат Саемот од 10 до 20 часот, а цената на влезот е 30 денари.


Статијата е прочитана 615 пати.

Испрати коментар



„Окупирај го Драмски“ завршува со Кумановски театар
Изложба инспирирана од небото на Маријана Шијаковска
Одбележан Светскиот ден на книгата
Ексцентричниот Авнер ќе го отвори „Пaнфиз“
Македонски автори на СФФ
Струга си го бара седиштето на СВП

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 17°C

Ведро

Четврток
Сончево
Макс: 24°C, Мин: 9°C

Петок
Сончево
Макс: 27°C, Мин: 11°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |