25.04.2012, 13:51 Седум меча суспензија за Артест
Казната ја доби за ударот со лакот во главата на Џемс Харден од Оклахома на натпреварот во неделата во „Стејлпс центар“
Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Рон Артест, доби казна за настап на седум натпревари за ударот со лакот во главата на Џемс Харден од Оклахома на натпреварот во неделата во „Стејлпс центар“. Суспензијата ќе почне да ја издржува од последниот натпревар на Лејкерси во основниот дел од сезоната во НБА, а ниското крило и еден од главните играчи во одбраната ќе го нема во тимот и на стартот од плејофот. Неиграњето седум меча за него ќе значи губење и на речиси 348.000 долари од заработувачката.
Ударот што го остави Харден без свест му ја донесе десеттата суспензија на Артест во последните десет години. Тој ја има и најдолгата забрана за настап во историјата на лигата од дури 86 меча за инцидент на теренот, изречена во 2004 година, кога се качи на трибините во салата во Детроит за да се пресмета со навивачите.
|