26.04.2012, 12:46 Успешно враќање на Дерик Роуз
По 26 меча пауза поради повреда, МВП на НБА придонесе за победата на Чикаго над Индијана
Најдобриот кошаркар во НБА-лигата, Дерик Роуз од Чикаго, забележа 10 коша и седум додавања за 27 минути во игра против Индијана. Неговиот тим славеше на гости со 92:87 во дербито на Централната дивизија од Источната конференција, а Роуз успешно се врати по 26 меча пауза поради повреда.
„Утрото ми кажа дека се чувствува многу подобро, и тоа по само два дена тренирање“, изјави тренерот на Булси, Тод Тибодо. „Тоа е добар знак“.
Резервистот Кајл Корвер беше најефикасен во Чикаго со 20 поени. На водечкиот тим на Истокот му беше потребна победа синоќа во последниот дуел од основниот дел на сезоната, како и пораз на Сан Антонио, за да заврши прв во лигата и со тоа да ја стекне предноста на домашниот терен во евентуалното финале на плејофот.
Орландо го совлада Шарлот со 102:95 и заврши шести на Истокот, но шансите во разигрувањето му се „тенки“ поради повредата на Двајт Хауард.
Њујорк, кој се бори со Филаделфија за седмото место, го победи Лос Анџелес Клиперс со 99:93, а Сиксерси славеа над Милвоки со 90:85. Никси засега се седми поради подобриот меѓусебен скор со „76-ките“.
Во Западната конференција Денвер ја победи Оклахома со 106:101 и го дели една победа до обезбедувањето на шестото место. Кевин Дурант од Оклахома постигна 32 коша и е во мало водство на листата на стрелците во однос на Коби Брајант, кому му се потребни 38 поени во последната средба за да избие на врвот.
Резултати: Феникс - Сан Антонио 106:110, Милвоки - Филаделфија 85:90, Оклахома - Денвер 101:106, Њујорк - ЛА Клиперс 99:93, Индијана - Чикаго 87:92, Кливленд - Вашингтон 85:96, Орландо - Шарлот 102:95. |