29.04.2012, 18:44 Викторија Абрил горда на филмот на Митевска
Филмот „Жената што си ги избриша солзите“, во речиси полната сала во „Милениум“, беше проследен со внимание и испратен со аплауз
„Ова ми е второ гледање на филмот ‘Жената што си ги избриша солзите’ и морам да кажам дека сум горда на себе, што и не е така често. А особено сум горда на режисерката Теона Митевска“, рече Викторија Абрил, големата европска и светска ѕвезда, која пристигна во Скопје специјално за македонската премиера на овој филм. А со премиерата на филмот на Митевска,а во киното „Милениум“, во петокот вечерта, во присуство на многу видни личности од јавниот и културниот живот, како и во присуство на министерката за култура, Елизабета Канческа - Милевска, се затвори и годинешното јубилејно 15. издание на Скопскиот филмски фестивал.
По светската премиера на „Жената што си ги избриша солзите“, која се случи на Берлинале, со неговото прикажување на Скопскиот фестивал беше означен и стартот на неговата дистрибуција во Македонија, која според планот треба да го одведе овој филм низ сите градови во матичната земја. Беше очигледно дека публиката присутна на премиерата со големо внимание го проследи филмот и на крајот го награди со аплауз. А покрај Викторија Абрил, во „Милениум“ беше и целата македонска екипа, која по проекцијата во огромен број излезе на сцената за да и' се поклони на публиката пред речиси полната сала.
„Жената што си ги избриша солзите“ е приказна за две жени, едната од Франција, а другата од Македонија, чии животни судбини наеднаш ќе се вкрстат. Како што на прес-конференцијата рече Викторија Абрил, интересно е дека станува збор за две сосем различни жени, кои доаѓаат од два света, од Запад и од Исток, кои немаат никакви допирни точки, но кои во суштина се едно преку емоцијата. И обете, на свој начин, се борат за своето семејство и се обидуваат да го спасат, дури понекогаш и без оглед на цената. Ова трето авторско дело на Теона Митевска, по прикажувањето во Берлин, доби рецензии во голем број релевантни филмски списанија. Многупати досега беше кажано, а тоа го потврдија и многу критичари, дека станува збор за најзрело остварување на Митевска, за што сега ќе може да го види и македонската публика. Филмот веќе почна да игра и во Битола, а од утре тргнува и во Охрид. (С.У.) |