27.04.2012, 11:51 Њујорк тајмс: Грција презафатена со кризата за да се посвети на Македонија
„Ние испраќаме безбедносни сили за мисиите на НАТО, но што се однесува до членството, уште сме во чекалната“, вели министерот Никола Попоски за Њујорк тајмс
Проширувањето на НАТО не е на агендата на самитот во Чикаго, а Грција е презафатена со својата економска криза за да се исполни барањето на Република Македонија да добие покана за членство на претстојниот самит, пишува американскиот весник Њујорк тајмс.
„Нема многу показатели дека прашањето со спорот за името напредува. Грција е сред финансиска криза и се обидува да избегне да стане првата членка на европската економска зона која банкротирала. Во вакви околности, во грчкиот политички систем нема многу волја да се разреши ова меѓународно прашање со нивниот сосед“, пишува Том Шанкер, долгогодишен известувач на Њујорк тајмс од Балканот и за прашања од областа на безбедносната политика.
Шанкер пишува дека на самитот во Чикаго главни теми се состојбата во Авганистан и проектот за модернизирање на алијансата, а проширувањето нема да биде тема. Шанкер ги пренесува аргументите на Македонија за членство во НАТО, изнесени од министерот за надворешни работи Никола Попоски кој е во посета на САД.
„Ние испраќаме безбедносни сили за мисиите на НАТО, но што се однесува до членството, уште сме во чекалната“, вели министерот Никола Попоски за Њујорк тајмс.
Во текстот на Њујорк тајмс се наведува дека Македонија има 175 војници во Авганистан, кои меѓу другото ја обезбедуваат и американската амбасада во Кабул, како и дека пропорционално Македонија била меѓу првите по бројот на испратени војници и во мисијата во Ирак. Во текстот се подвлекува дека Македонија се обврзала да ја продолжи мисијата во Авганистан до декември 2014 година, и дека во Собранието не се врши притисок за побрзо повлекување, како што е тоа случајот во други држави кои придонесуваат кон мисијата ИСАФ. Но, Њујорк тајмс потенцира и дека Грција е членка на НАТО 1952 година и оти продолжува упорно да се противи на приемот на Македонија
|