29.04.2012, 19:01 Новиот бран, засега, го одмина ФФМ
Статутот симнат од дневниот ред, па Собранието помина без бојкот и барање да се гласа за доверба на Хаџи-Ристески
Сашко Ѓ. Димовски
ОХРИД - Иако неколку опозициски расположени делегати минатата недела најавуваа дека ќе бараат гласање за доверба на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Харалампие Хаџи-Ристески, такво нешто, сепак, не се случи на редовното годишно Собрание што се одржа во саботата во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид. Немаше ни бојкот, опција што исто така беше во игра за противничкиот табор на владејачката фудбалска гарнитура. И едните и другите се држеа на око на брегот на Охридско Езеро, но работниот дел на највисокото тело на Федерацијата помина во мирна и неочекувано конструктивна атмосфера.
Пред хотелот и во фоајето можеше да се забележи и Масар Омерагиќ, поранешен претседателски кандидат на ОФС Струмица.Преку Иван Путилин од Општинскиот фудбалски сојуз на Кисела Вода и Димитар Џонов од ОФС Штип, опозиционерите на почетокот изнесоа низа процедурални забелешки за дневниот ред, за деловникот за работа на Собранието и за Статутот, кои во најголем дел беа прифатени. Точката за измени и дополнувања на Статутот на ФФМ од 2008 година беше симната од дневен ред на предлог на членот на Управниот одбор, Лазар Нанев, бидејќи за изгласаните измени и дополнувања од лани се' уште се води постапка во Управниот суд и Статутот со нив се' уште не е впишан во Централниот регистар. Оттука, изостанаа и очекуваните вербални дуели и надмудрувања меѓу фудбалската власт и опозицијата.
Делегатите на Собранието со големо мнозинство ја изгласаа завршната сметка за 2011 година (70 „за“, 6 „против“, 3 воздржани) и буџетот за 2012 година, иако имаше најави дека дел од делегатите нема да гласа за таа точка. „Ревизија Чулева“ од Скопје е избрана за независна ревизорска куќа на ФФМ, а беше изгласан и нов Правилник за избори во куќата на фудбалот.
Хаџиристески во своето излагање ја окарактеризира минатата година како инвестициска, посочувајќи ги тренинг-центарот и новата административна зграда на ФФМ, кои треба да бидат завршени до крајот на годинава, потоа реконструкцијата на националната арена „Филип Втори“, со што е обезбедено нејзино користење за потребите на националните селекции до 2025 година, како и зафатите на стадионите во Струмица, Прилеп, Куманово и во Турново. Ја нагласи и трансформацијата на фудбалските клубови од здруженија на граѓани во акционерски друштва, процес што треба да заврши до 31 јули оваа година.
Но, разочаран е од А-тимот.
„Имаше подеми и падови, но најмногу потфрли сениорската репрезентација на Македонија со освоеното петто место во квалификациите за Европското првенство во 2012 година. Тоа резултира со смена на селекторот Мирсад Јонуз и назначување на Џон Тошак“, рече претседателот на ФФМ, појавувајќи се на Собранието со патерици по неодамнешната двојна скршеница на десната нога.
Делегатски фронтмени на опозицијата овој пат беа Петре и Леонид Кодовски од ОФС Велес, кои добија можност на говорницата да го изнесат своето незадоволство од работата на Федерацијата.
„На секое Собрание ги слушаме само убавите работи. Не можам да се согласам со политиката што ја застапувате. Не можам да останам рамнодушен за некои одлуки на Управниот одбор. Револтот е голем поради концентрираната моќ на одредени луѓе што имаат повеќе функции. Жал ми е што немате доблест да поднесете оставка и да заминете“, му се обрати Леонид Кодовски на Хаџи-Ристески.
Неговиот брат Петре Кодовски, пак, праша зошто не се примени 17 делегати од три општински фудбалски сојузи и заедно со Стојанче Златановски од ОФС Куманово побараа еднаш засекогаш да се стави крај на дуализмот во некои фудбалски сојузи на општинско ниво.
На седницата присуствуваа 101 делегат, меѓу кои и новите петмина верификувани на Собранието во Охрид. Седницата почна со едноминутно молчење за фудбалските работници Мирче Павловски и Петар Велјановски, кои починаа меѓу две Собранија. Работата на редовното Собрание на ФФМ ја надгледуваа Ева Пасквер од ФИФА, Алекс Филипс од УЕФА и Константин Ангеловски од Агенцијата за млади и спорт.
Тажна вест доби Горан Георгиевски за време на Собранието. На делегатот од ОФС Куманово му беше јавено за смртта на неговата мајка, по што тој во придружба на уште двајца негови колеги од кумановскиот ОФС го напушти хотелот. |