23.04.2012, 17:13 Анжи го бара Пандев поради Ето
Рускиот прволигаш тргна по Македонецот од Наполи откако Камерунецот побара летоска да бидат доведени квалитетни засилувања
Дали јавно искажаното барање на Самуел Ето за засилување на екипата со неколку фудбалери од висока класа во летниот преоден рок ќе го донесе Горан Пандев во руски Анжи? Камерунецот, кој во август минатата година дојде во Махачкала од Милано, смета дека на Анжи му се неопходни засилувања за да атакува на шампионската титула во Русија, и клубот на богаташот Сулејман Каримов веќе тргна во потрага. Покрај Пандев, на листата на желби се и неговиот соиграч од Наполи, Езекиел Лавеци, како и Весли Снајдер од Интер, со кој македонскиот и камерунскиот напаѓач играа заедно до лани.
„Летово Анжи има намера да спроведе големи трансферни активности. На списокот на потенцијални засилувања се наоѓа и Горан Пандев. Тој е висококвалитетен фудбалер, кој би можел да го засили тимот. Дотолку повеќе што Горан неколку години има играно заедно со Ето. Многу нешта ќе зависат од тоа дали Наполи ќе сака да го откупи Македонецот на крајот од сезоната“, изјави за „Лајфспортс“ неименуван извор од прволигашот од руската република Дагестан.
Пандев во јануари 2010 година потпиша четиригодишен договор со Интер, од каде што во август минатата година премина во Наполи како зајмен играч до крајот на сезонава.
„Интер го зајми Пандев и не покажува посебна желба да го врати назад. Наполи, пак, е полн со ентузијазам во однос на Горан. Во секој случај, наскоро ќе побараме да се расчисти статусот на Горан“, изјави неговиот италијански менаџер Карло Палавичино.
Евентуалниот трансфер на Пандев во Анжи се проценува на десет милиони евра. Сезонава 28-годишниот капитен на македонската репрезентација одигра 26 натпревари за Наполи, во кои постигна шест гола.
Ето, пак, на 18 првенствени средби во Русија има постигнато девет погодока, вклучувајќи го и голот во последното коло викендот, во кое Анжи го совлада Спартак во Москва со 3:0. Тимот чиј тренер е Руд Гулит е шести во руското првенство.
|