25.04.2012, 15:52 „Драми“ од Дејан Дуковски промовирана во МНТ
Промоцијата покажа дека Скопје е многу далеку од празен град како што носи наслов неговиот текст што моментално е на репертоарот на Театарот
Дарко Лешоски
Кратко, јасно и ноншалатно, во стилот на авторот, насловената книга: „Драми“ на Дејан Дуковски беше промовирана вчера во Македонскиот народен театар. На околу 600 страници издаваштвото „ Култура“ конечно ги собра речиси сите драми на Дуковски (вклучувајќи ја и последната и наградена драма „Изгубени Германци “) во една книга.
Како приредувач се јавува театрологот Јелена Лужина, а во книгата со свои кратки гледишта за драмите на Дуковски или на нашиот „ѕвезден извозен производ по белиот свет“, како што напишала Лужина , се јавуваат и режисерот Александар Поповски и актерот Никола Ристановски.
„Да се напише сцена во која еден тип од Битола ја заведува најдобрата куртизана на Султанот, која си ја купил во Париз, е подеднакво безобразно како и идејата на Дон Жуан да ја украде Дона Елвира од манастир. Лично од Бога“, алудирајќи на Молиер, режисерот Поповски со овие зборови го опиша значењето на Дуковски во македонската драматургија.
Во преполната сала на МНТ покрај бројните познати лица од сите јавни сфери, беше забележливо и присуството на огромен број млади луѓе, нови момчиња и девојки кои пораснале со репликите на Дуковски. Поголем дел од познатите реплики со кои тие се „дофрлаа“ во фоајето, подоцна, во текот на промоцијата беа изведувани како сцени од повеќе актери на МНТ.
Дејан Дуковски веќе работи на филмското сценарио по неговиот текст „Изгубени Германци“ (театарската премиера на претставата е закажана за мај годинава ), а вчера и не го криеше задоволството да каже дека веќе има одлични идеи како да го адаптира за филм, но и да не информира дека работи на на нов драмски текст кој е во процес. На прашањето дали со „Драми“ веќе се чувствува институционализирано, тој одговори дека не се чувствува така, туку напротив, многу практично и скромно, додавајќи на шега дека на таков начин се зачувуваат текстовите за да не се изгубат.
Промоцијата на Дуковски покажа дека Скопје е многу далеку од празен град (како што носи наслов неговиот текст кој моментално е на репертоарот на МНТ, а е поставен и во повеќе европски театри).
Пред да влезе во салата и стандардно да се заблагодари на сите присутни и на издаваштвото „Култура“ за да ја разбие тремата пред бројната публика, а и тремата од уште еден повод, неговиот „28 роденден“ како што се пошегува актерот Дејан Лилиќ во најавата на промоцијата на книгата, Дејан Дуковски зема голтка од пивото во празниот хол. Од пивото кое е како и тој самиот е бренд, еден од најпознатите извозни продукти од Македонија.
|