23.04.2012, 13:59 Младата Ева Богоевска на фестивалот „Сан Ремо Јуниор“
Македонската виолинистка ќе ја изведува традиционалната „Во влашкото маало жолти куќи високи“ во аранжман на Живоин Глишиќ
Младата, дванаесетгодишна виолинистка Ева Богоевска, која на 5 мај годинава ќе настапи на реномираниот Интернационален детски фестивал „Сан Ремо Јуниор“ во Италија, денеска во Министерството за култура имаше средба со министерката Елизабета Канческа-Милевска. Заедно со мајката на Ева, на средбата присуствуваа и Јован Бицевски, директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ (кој е всушност и иницијатор за настапот на Сан Ремо), нашата позната виолинистка и професорка на Ева, Анна Кондратенко, како и професорот Живоин Глишиќ, кој е автор на композицијата со која ќе не претставува младата виолинистка.
Министерката ја искажа својата чест и гордост што може да се сретне со исклучително млад, но не помалку значаен културен амбасадор, и и' подари на Богоевска пеперутка - филигран, посакувајќи и среќа на претстојниот настап.
Композицијата која почива врз варијација на традиционалната македонска песна „Во влашкото маало жолти куќи високи“, е напишана специјално за овој настап на Ева, која иако „мала, но голема виолинистка“, како што ја нарече композиторот Глишиќ, со своето макотрпно вежбање ја довела до совршенство.
Скромната Богоевска која не пропушташе учтиво да се заблагодари на секој комплимент, е родена во 1999 година во Скопје, а свири виолина од својата седма година. Сара Ченг и нејзината професорка Ана се виолинистките на кои таа им се восхитува, но она што ја одделува Ева од другите многубројни талентирани дечиња во Македонија, како што рече Ана Кондратенко, е нејзината љубов кон виолината, големата и неуморна желба за вежбање, која е за восхит.
Минатата година Ева беше избрана од страна на EMCY (European Union of Music Competitions for Youth) да настапува во рамки на проектот „Европски Концерт“ заедно со уште три наградени млади музичари од Норвешка, Србија и Луксембург. На средбата, Ева скромно и со насмевка најави дека на настапот на 5 мај во престижниот „Аристон Театар“ во Сан Ремо ќе се обиде достојно да ја претстави нашата земја и уште еднаш се заблагодари за сета поддршка која ја добива. (Д.Л.)
|