24.04.2012, 14:00 Полска ја враќа граничната контрола за ЕП
Од 4 јуни до 1 јули ќе се врши проверка и на границите со ЕУ од безбедносни причини
Полска привремено ќе ја врати контролата на своите граници за време на претстојното Европско првенство во фудбал, најави министерот за внатрешни работи Јацек Цихоцки. На прес-конференција во Шведска тој појасни дека во периодот од 4 јуни до 1 јули ќе бидат поставени привремени пунктови, на кои ќе се врши проверка на луѓето и на возилата за кои постои сомневање дека патуваат во Полска заради ЕП, а мерките ќе се применуваат и на аеродромите и на пристаништата. Шефот на полската полиција нагласи дека ќе се врши контрола и кон границите со земјите од Европска унија (Германија, Чешка, Словачка и Литванија) на начин како што тоа се прави кон другите земји со кои граничи Полска, а не се во ЕУ (Украина, Русија и Белорусија). Оттаму, сите што ќе влегуваат во државата во наведениот период задолжително ќе мора да носат документи за идентификација - лична карта или пасош.
Министерот објаснува дека одлуката е донесена од безбедносни причини за да се превенира влегувањето во земјата на луѓе што би можеле да го нарушат јавниот ред и мир за време на првенството, и тоа не само на стадионите, туку и во областите во близина на градовите-домаќини. Тој тврди дека полските граничари одамна се подготвени за справување со овој предизвик.
Граничната полиција ќе се фокусира на организираните навивачки групи и врз лицата избрани врз основа на анализата на ризикот и на информациите за нив доставени од службите на други земји.
„Држете се до правилата - не сите луѓе, не секое возило“, им порача на своите подредени командантот на граничната полиција Доминик Трач.
Инспекциите ќе се вршат во одредени денови и во одредено време и на избрани локации и правци близу граничните премини, за што ќе се користат 60 специјални возила, опремени за брза и прецизна проверка на луѓе и возила. Низ целата земја ќе има вкупно 254 места на кои може да се изврши проверка.
Според законите на ЕУ, привремено враќање на контролата на границите е можно во посебни случаи, кога постои ризик за јавната безбедност, на пример во масовно посетени настани од меѓународен карактер. Мерката претходно ја применија и Германија за време на Светското првенство 2006 и Австрија во текот на ЕП 2008.
Европскиот шампионат ќе почне на 8 јуни со натпреварот меѓу кодомаќинот Полска и Грција на Националниот стадион во Варшава, а ќе заврши со финалниот меч на 1 јули на Олимпискиот стадион во Киев, Украина. Покрај Варшава, полски градови-домаќини се и Гдањск, Вроцлав и Познањ.
|