23.04.2012, 14:08 Манчини: Се е во рацете на Јунајтед!
Тренерот на Сити, и покрај тоа што неговиот тим има само три бода минус вели дека составот од „Олд Трафорд“ ќе биде шампион
И покрај тоа што Манчестер Сити предноста на градскиот ривал Јунајтед од осум ја намали на три бода, тренерот Роберто Манчини и натаму продава магла.
„Се е во рацете на Јунајтед“, ќе каже Манчини по победата над Вулверхемптон од 2:0, а на прашањето дали и натаму смета дека „црвените ѓаволи“ ќе бидат прваци ќе поентира: „Веројатно. Кога игравме во јануари во ФА-купот им дадовме подарок (н.з. пораз од 2:3). Но, в понеделник на 30 април кога го играме дербито против нив ќе биде поинаку. Мислам дека тие нема да чувствуваат притисок, бидејќи на тоа се навикнати секоја година. Истовремено мислам дека и ние нема да чувствуваме притисок, бидејќи од нас не се очекува да победиме“, додава Манчини.
„Само еден тим може да ја освои титулата. Таа не е во наши раце. Ние имаме три бод�� помалку. По дербито играме со Њукасл, кој се бори за Лига шампиони и КПР кој се бори за опстанок“, потенцира Манчини, кој потоа тргна саркастично да се препукува со новинарите.
„Напишавте дека трката за титулата е готова. Пред само една недела напишавте дека се е готово“.
На другата страна изјавите се далеку посериозни. По лудите 4:4 меѓу Јунајтед и Евертон, тренерот Алекс Фергусон кажа дека дербито меѓу „граѓаните“ и сограѓаните ќе има импозантни пропорции. Првиот меч на „Олд трафорд“, како што е познато, заврши со неверојатна победа на Сити од 6:1.
„Тоа ќе биде веројатно најважното дерби во мое време. Нема причини да не оствариме добар резултат. Треба да излеземе и да бидеме сконцентрирани, да не дозволиме лесни голови“, ќе каже Фергусон, кој се осврна и на пропуштените бодови против Евертон.
„Неверојатен натпревар. Фудбалот што го игравме во поголемиот дел од натпреварот беше фантастичен. Но, проблем е кога примате четири гола“, посочува Фергусон.
|