24.04.2012, 12:16 Законот за лустрација помина во прво читање
На седницата не присуствуваат пратениците од ДУИ, а отсутни се и пратениците од СДСМ, кои уште вчера во знак на протест ја напуштија работата на комисијата
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ја констатира потребата за донесување на Предлог законот за определување на услов за ограничување на вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државна безбедност. Законот е поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери во Собранието.
На седницата не присуствуваа пратеници од ДУИ и опозициските СДСМ и НДП.
Зијадин Села од ДПА рече дека неговата пратеничка група ќе поднесе амандмани на Законот и смета дека нема потреба Комисијата да гласа дали некој бил кодош или не, туку дека треба да се објават имињата на сите што соработувале со органите за државна безбедност.
- Треба да се стави крај на политички монтираните процеси, рече Села. Посочувајќи повторно на случајот Сопот, додаде дека и во последните години имало политички процеси против Албанците.
Села побара да се отворат судски процеси и за членовите на Комисијата за лустрација за да се види дали тие гласале според Законот или почитувајќи ги партиските наредби. - Ние сме за процесот на лустрација, за чист процес на лустрација, рече пратеникот на ДПА.
Кенан Хасипи изрази чудење зошто опозицијата не присуствува на седницата на Комисијата бидејќи, според него, станува збор за многу попрецизен и поконзистентен закон од оној што беше претходно донесен. Според него, спорни се неколку моменти за кои владејачкото мнозинство и опозицијата можеле да се договорат.
Во однос на забелешките на пратениците Албанци дека во минатиот систем страдале најмногу претставници од таа заедници, Хасипи дециден дека сите што биле против тој систем биле прогонувани без разлика дали биде Албанци, Турци... христијани или муслимани.
Со новиот Предлог-закон за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, меѓу другото, се предвидува лицата кои стекнале над пет отсто капитал при приватизацијата на општествените претпријатија и оперативните врски ќе подлежат на лустрација. Во процесот воедно ќе се декласифицираат и оригиналните документи кои се извор на информации, чувани од поединци или правни лица, но и од државните органи како „строго доверливи“.
Како што образложи Силвана Бонева, еден од предлагачите на законот, лустрацијата ќе се однесува на периодот од 1944 до 2006 година кога почна да се применува Законот за слободен пристап до информации.
Предложениот текст прецизира дека со лустрирањето ќе бидат опфатени сите раководни лица со посебни должности и овластувања, воени и цивилни, старешини во АРМ, МО, МВР, во казнено-порпавните и воспитните установи, другите полиции, судска, шумска, финансиска, агенција за разузнаање, ревизори,...
- Целта е никој да не побегне од процесот на лустрација, да ги направиме достапни досиејата на сите што кодошеле од идеолошко-политички причини. Тоа мора да го сториме ако сакаме вистински да го отвориме нашето минато и да ги користиме добрите европски практики. Треба да дадеме одговор на сите репресирани до и по 1991 година, нагласи Бонева.
Повикувајќи се на европските препораки и резолуции, таа напомена дека не може да има помирување без сеќавање и прифаќање на одговорностите.
- Ако веќе ја трансформираме Македонија, тогаш реформите треба да ги внесеме и во оваа сфера. Ако сакаме да бидеме членка на ЕУ треба сериозно да размислиме како да ја преточиме во закон препораката на Унијата за завршување на процесот на објавувањето на имињата на агентите соработници на тајните служби, истакна Силвана Бонева.
За опозицијата законот е правно неоснован и содржи политичко насилство, има за цел политички реваншизам, разединување и создавање нови поделби, наместо помирување и консолидација. Според иопозициските партии, има потреба од лустрација, но на легален и легитимен начин, со политички консензус.
|