23.04.2012, 12:09 Брејвик им се извини на семејствата на случајните жртви
Андерс Беринг Брејвик, кому во Норвешка му се суди под обвинение за убиството на 77 лица од минатиот јули, денеска им се извини на своите жртви без политичка припадност, но одби да им се извини на роднините на убиените млади на островот Утоја, пренесоа француските медиуми.
Десничарскиот екстремист искажа длабоко извинување до семејствата на минувачите, убиени или ранети во експлозијата на бомбата, подметната од него на 22 јули 2011 година пред зградата на владата во Осло.
На прашањето на обвинителот упатува ли извинување и кон семејствата на останатите жртви, убиени при експлозијата или загинати во летниот камп на Норвешката работничка партија на островот Утоја, Брејвик одговори негативно.
Според него, овие убиства биле жестоки, но неопходни, затоа што 44 од 69-те убиени на островот работеле за младинската организација на Работничката партија, што ги правело „легитимни цели“, а кампот бил за политичка агитација.
Брејвик пред судот раскажа дека додека убива сменил различни орудија.
- Кога бев на растојание од пет до 10 метри, употребив полуавтоматски пиштол „Глок“, а над 10 метри ја употребив пушката. Стрелав секогаш во рацете и нозете што се појавуваа од скривалиштата за да ги натерам тие што се кријат да се појават, рече терористот.
Во среда Брејвик ќе биде распрашан за клучното прашање за утврдување на неговата психичка состојба, посочуваат агенциите.
|