24.04.2012, 15:38 Владејачки пакт за членство во НАТО
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ денеска до Собранието доставија предлог-декларација, со која ќе го реафирмираат членството на Македонија во НАТО како стратешка цел за државата
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со декларација ќе го реафирмираат членството на Македонија во НАТО како стратешка цел за државата. Тие доставија денеска до Собранието предлог-декларација, која им е понудена на сите пратенички групи. Во неа се наведува дека интеграцијата во НАТО треба да биде главна политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес и споделуваат обврска за придонес.
Во декларацијата се повикува на почитување на принципите на отворени врати на НАТО и се посочува дека земјата ги има исполнето сите критериуми и услови за членство. Македонија останува посветена на континуирани реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата. Потоа, се апелира на почитување на легитмитетот и легалитетот на ООН и телата кои се формирани од светската организација, почитување на меѓународното право и се бара да се уважи пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и препораките од таа пресуда. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ потенцираат дека добрососедските односи се од витално значење и суштинска важност за обезбедување развој на регионот.
„Наша заложба е постојано унапредување на меѓусебната соработка со соседите, во функција и во интерес на граѓаните“, се наведува во Предлог-текстот, во кој се укажува дека регионот треба да биде во фокусот на проширувањето на НАТО и се бара поддршка од земјите-членки за покана на Македонија на претстојниот Самит во Чикаго и за започнување на пристапните преговори со ЕУ. (П.Р.)
|