24.04.2012, 14:11 ДУИ го поддржува новиот закон за лустрација
Демократската унија за интеграции го поддржува Законот за лустрација и нејзината цел е да има широк политички консензус, но исто така се бара паралелен процес и на рехабилитација на жртвите од комунизмот.
Потпретседателот на Собранието и пратеничка од ДУИ Сузана Салиу денеска изјави дека ДУИ бара паралелно со лустрацијата да се одвива и процес на рехабилитација на жртвите од комунистичкиот систем и оти оваа партија веќе има изготвено текст во соработка со здруженијата на Албанците за рехабилитација на жртвите од комунизмот. Салиу најави дека во текот на следната недела се очекува да се одвиваат разговори за нивниот предлог.
- ДУИ како сериозна политичка партија бара процесот на лустрација да се одвива транспарентно во конструктивна и рационална атмосфера и без закани, уцени и навреди. Законот го поддржуваме и во оваа фаза, а ќе го поддржуваме и во иднина, но нема смисла да се откријат соработниците на тајните злужби а да не бидат обесштетени жртвите од комунистичкиот систем, рече Салиу.
Законот за лустрација предложен од владејачкото мнозинство, меѓу другото, и од двајца пратеници на ДУИ, Салиу смета дека е јасен и прецизен, но оти може и требад а има некои интервенции. Според неа, законот би требало да има поширок политички консензус и тоа не само меѓу политичките партии внатре во Собранието.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го даде на натамошно читање Предлог-законот, но на седницата не присуствуваа пратеници од ДУИ, СДСМ и НДП.
Според Салиу, неприсуството на членови на пратеничката грпа на ДУИ е поради тоа што веќе немало атмосфера за дискусија по вчерашните навреди изречени од страна на пратеник на ДПА кон Џевад Адеми од ДУИ.
|