24.04.2012, 13:00 Попоски: Членството на Македонија во НАТО е во интерес и на Грција
Министерот за надворешни работи во интервју за веб магазинoт „Вишеградска ревија“ која ги одразува ставовите на четирите земји членки на групата - Полска, Чешката Република, Унгарија и Словачка
Членството на Македонија во НАТО ќе донесе придобивки за сите членки вклучително и Грција, бидејќи тоа би значело дека Грција ќе дели заеднички граници само со земји-членки на Алијансата. Земјите од Вишеградската група го имаат најдобриот кредибилитет за да го промовира натамошното проширување, бидејќи имаа големи бенефити од нивното зачленување во НАТО и ЕУ.
Ова го истакнува министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за веб магазинoт „Вишеградска ревија“ која ги одразува ставовите на четирите земји членки на групата - Полска, Чешката Република, Унгарија и Словачка.
- Сега има нова пресуда од Меѓународниот суд на правдата, што доведе до поголема правна сигурност во прашањето. Во 2008 година Грција го блокираше нашето членство во НАТО на самитот во Букурешт, поради спорот со името. Сега МСП, што претставува највисокото правосудно тело на ОН, кажа дека ова беше противправно и ги одби сите тврдења на грчката страна околу можните прекршувања од македонска страна. Ова е тоа што сакаме да им го пренесеме на нашите партнери во сите НАТО земји-членки - дека сите, вклучително и Грција, ќе имаат придобивки од тој дополнителен фактор. Нашиот влез во НАТО би значело дека Грција ќе дели заеднички граници само со земји-членки на Алијансата, вели Попоски.
Запрашан како грчката економска криза влијаеше врз билатералните односи, шефот на македонската дипломатија посочува оти таа одмогна во напорите за надминување на спорот за името.
- Имајќи ги предвид долгогодишните билатерални разлики меѓу двете земји, многу луѓе сметаа дека економската криза може да го олесни процесот на изнаоѓање прифатливо решение. Напротив, сметам дека кризата имаше влијание на политичката страна, бидејќи Грција се фокусираше на справување со должничката криза. Покрај тоа, ние исто така претрпевме економски загуби. Грција е еден од нашите најголеми трговски партнери. Грчките компании се многу важни инвеститори во Македонија, во некои од клучните стратешки сектори како што се петрохемиската индустрија, малопродажбата и банкарскиот сектор. А самиот факт што побарувачката се намалува, а грчката економија е во пад не не прави среќни, потенцира Попоски.
Тој очекува В4 групата да продолжи со поддршката за евроатлантските интеграции за Македонија.
- Мислам дека В4 го има најдобриот кредибилитет и најдобрата позиција за да го промовира понатамошното проширување, бидејќи четирите земји имаа големи бенефити од нивното зачленување во НАТО и ЕУ. Верувам дека од таа перспектива, В4 е во подобра позиција од кој било за да го промовира понатамошното проширување на Балканот и има водечка улога во тоа. Она што е докажано кон Балканот во минатото е дека најголемиот број одлуки биле донесени врз основа на управување со кризи и кога и да имало криза, тогаш вниманието се свртувало кон регионот. Мислам дека од персепктива на В4 многу е полесно да се биде проактивен, и да го става Балканот почесто на агендата за влез во ЕУ побрзо оттколку покасно, бидејќи тоа ќе биде потврда дека процесот е неповратен и она што го видовме во Централна Европа може да се случи и на Балканот. Знаејќи дека тоа не е решение на сите прашања, но е добра основа за нашите земји да се развијат и да бидат попросперитетни. Она што е значајно во оваа фаза е дека овие пораки се испратени од земите на В4 групата и дека овие теми не се оставени за дискусија само кога ќе се појави кризна ситуација некаде, рече Попоски.
Тој оценува дека кризата со еврото имаше влијание на јавното мислење во Македонија за ЕУ со пад во довербата во институциите на ЕУ.
- Тоа разбуди голем број луѓе кои имаа перцепција дека ЕУ е брзо решение на сите проблеми. Тие мислеа дека само треба да се приклучиме кон ЕУ и се ќе се реши и некој друг ќе се погрижи за се, што во основа е погрешна перцепција. Значи постоеше освестување дека може да бидеш во ЕУ и сепак да имаш проблеми. Но, никој до сега не предложил подобар модел од ЕУ што обезбедува рамка на просперитет во Европа. Не треба да се потценува. Всушност, Македонија е најголем еврофил во Европа. Скоро 90 проценти од испитаниците сакаат да се приклучат кон ЕУ. Сепак, во последното спроведено јавно мислење видовме пад во довербата во институциите на ЕУ заради два фактора. Првиот поради фактот дека Европската комисија дава препорака за старт на преговорите со ЕУ и Македонија уште во 2009 година, но поради грчкото противење во Советот, ние не можеме да одиме напред. Затоа луѓето започнаа да се сомневаат во кредибилитетот на ов��ј процес. Другиот аспект е дека во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, под притисок на Грција терминот македонски, кој се однесува на нашето име и јазик, не беше користен. Ова предизвика многу негативни емоции онолку колку што некој може да замисли, истакнува шефот на македонската дипломатија.
Од В4 праксата, вели, на Балканот може да се искористи примерот со Вишеградскиот фонд.
- Претходно, во рамките на регионалната соработка ние бевме среќни ако само одржувавме состаноци. Сега функционирањето на Вишеградската група претставува чекор напред, односно земјите-членки придонесуваат во фондот и генерираат конкретни проекти. Фактот што сите придонесуваат во фондот и во развивањето на проекти е нов концепт во нашата регионална соработка. Се надеваме дека во текот на маекдонското претседавање со Процесот на Соработка во Југоисточна Европа ќе воведеме слична пракса. Ќе видиме дали можеме да ги искористиме вашите искуства во нашиот случај, посочува во интервјуто министерот Никола Попоски.
|