24.04.2012, 09:42 Саем на туризам и Денови на образование и кариера
На Скопски саем денеска ќе бидат отворени Меѓународниот саем на туризам и Деновите на образование и кариера. Од денеска за посетители е отворен и Меѓународниот саем на книгата. Посетителите во наредните денови имаaт можност да ги проследат сите иновации во издаваштвото, можностите за високото образование, како и актуелните аранжмани за патувања.
Саемот за туризам ќе го отвори министерот за економија Ваљон Сарачини. На оваа саемска манифестација ќе се претстават 40-тина агенции и 14 хотели од Македонија, а на посетителите ќе ги претстават своите туристички аранжмани за претстојната летна сезона. Хит за годинава, според понудите од туристичките агенции, се Турција, потоа Грција која стандардно се нуди и побарува, а новина во понудата е турски Кипар.
Земја-партнер на саемската манифестација е Бугарија преку која ќе се претстават познати туристички региони од областа на зимскиот и летниот туризам, спа и велнес центри, национална храна и вино, како и други културни вредности и природни убавини на Бугарија.
Покрај Бугарија, на Саемот ќе се претстават и туристичките капацитети на Србија, Словенија, Турција, Црна Гора и Хрватска.
Деновите на образование и кариера ќе ги отвори министерот за образование и наука Панче Кралев, а за програмата за посетители почнува од утре. Годинашното издание е прво на кое има најголем број универзитети од странство кои ќе можат да ги презентираат своите образовни програми. На 2.000 метри квадратни ќе се претстават 45 универзитети со повеќе од 170 факулети од Македонија, Грција, Унгарија, Италија, Словенија, Канада, Велика Британија, Чешка, Бугарија, Турција, Хрватска, Данска.
Во рамки на манифестацијта ќе биде промовиран порталот стипендии.мк кој ќе ги содржи сите можности за финансирање кои се нудат на македонските студенти, но и на студентите од регионот. На порталот секој заинтересиран корисник може да креира свој профил со кој ќе добие информација и препорака за сите стипендиски програми кои се наоѓаат во базата во моментот на креирање на профилот како и сите идни програми кои соодветствуваат со профилот и интерсите на корисникот.
Љубителите на пишаниот збор, на Саемот на книгата на 5.000 метри квадратни можат да ја видат понудата на издавачи од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Турција, Албанија, Италија и Велика ританија. Покрај изложбено-продажниот дел, предвидено е во промотивниот центар секојдневно да се одржуваат промоции на автори и нови изданија. Најавени се над 30 промоции. Саемот на книга е втора саемска манифестација по бројот на посетители, кој се движи околу 40.000.
Скопски саем, втора година по ред Саемот на книга го промовира под мотото „Подари книга, подари богатство“, поддржувајќи ја токму книгата како најсоодветен подарок за сите пригоди
|