23.04.2012, 16:55 Пратениците ќе се степаа поради лустрацијата
Џеват Адеми од ДУИ го проблематизира законот што го поднесоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ
Светлана Унковска
Жестока расправија и напната атмосфера, која беше на чекор до физичка пресметка, изби меѓу пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, и координаторот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу, на седницаta на собраниската Комисија за политички систем, кога на дневен ред дојде новиот закон за лустрација, предложен од ВМРО-ДПМНЕ. За време на кавгите и префрлањата се слушнаа и навреди, а собраниското обезбедување беше на готовс. Поради тоа што страстите се' повеќе растеа и на седницата повеќе немаше никакви услови за работа, претседателот на Комисијата, Илија Китановски, мораше да ја прекине седницата и да даде пауза од 15 минути.
Се' почна кога за дискусија се јави Адеми, кој, неочекувано, рече дека нема да го поддржи решението на коалицискиот партнер, посочувајќи дека на предлог-текстот има потписи од само двајца пратеници на ДУИ. Тој, исто така, рече дека мора да се има предвид дека за законот треба да има политички консензус и практично застана на страната на опозицијата, со тоа што и' порача на координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, да го подобри текстот и да направи се' што е можно законот да добие поддршка од сите партии.
„Заедно со лустрацијата треба да се одвива и процесот на рехабилитација на жртвите, за што в понеделник ќе доставам предлог-закон и ќе барам поддршка од сите партии. Албанците биле принудувани да потпишуваат изјави за соработка со тајните служби“, истакна Адеми. На ова реагираше Алиу кој го обвини Адеми дека со своето излагање ги прекршил сите морални норми, бидејќи навел дека секој Албанец кој бил затворен бил кодош.
„Зошто тој обвинува дека сите затворени Албанци се кодоши? Немаат сите потпишано изјави од 13 страници за соработка со тајните служби“, обвини Алиу. На ова настана општа караница во која видно нервозен и лут, Адеми возврати нарекувајќи го Алиу „лажго“ и обвини дека гнасно ги искривува неговите изјави и тенденциозно го клевети. Поради жестоките и навредливи зборови, седницата беше прекината, а по паузата од 15 минута на неа не се врати Адеми.
Претходно говореше Горан Мисовски од НСДП, кој оцени дека новиот закон е „циркузантски“, а ВМРО-ДПМНЕ со него сака да се пресмета со политичките неистомисленици.
„ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не ги почитува одлуките на Уставниот суд и на највулгарен начин демонстрира сила на правото“, истакна Мисовски, кој рече дека неговата партија нема да учествува во донесување закон кој ќе им нанесе штета на граѓаните. Силвана Бонева, која е предлагач на законот, истакна дека Мисовски ги навредил пишувачите на закон со европско знаменце. |