23.04.2012, 17:03 Барса под огромен притисок ќе ја докажува својата игра
Каталонците вечерва ќе ја бркаат негативата од првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите против Челзи, кога изгубија со 1:0
Барселона долго време не била под ваков силен притисок. По шокантниот пораз од Реал на својот „Ноу камп“ и поразот во првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите во Лондон од Челзи (0:1), Каталонците вечерва во реваншот ќе мораат не само да победат туку и да докажат дека се' помногубројните коментари дека нивната игра „на ти го-дај ми го“ ја губи својата смисла, не се точни.
„Притисокот е врз Барселона. Тие мора да ни дадат гол. Барса не импресионира во последно време. Ние мора да бидеме сконцентрирани. предноста е минимална. Сепак, на крајот тие се фаворити“, изјави Рамирес, кој дојде во Челзи од Бенфика.
На прашањето дали Дрогба по пропуштеното дерби со Арсенал поради повреда на коленото е подготвен за уште еден голем меч со Барса, Рамирес вели: „Дидие е фудбалер за најкомплицираните моменти. Тоа го покажа со првиот гол против Тотенхем во полуфиналето од ФА-купот, а потоа и со погодокот против Барселона во првиот меч од полуфиналето од ЛШ. Тој е играч кој секогаш би го сакал во тимот. Ова е меч за гладијатори, а Дрогба е токму тоа. Со негова помош може да ја елиминираме Барселона“, додаде Рамирес.
Но, тренерот Роберто ди Матео не знае дали Дрогба ќе биде фит.
„Дрогба има повреда на коленото, до последен момент нема да се знае дали ќе може да игра. Се надеваме на најдобро“, изјави Ди Матео, кој против Арсенал почна со Торес, Стариџ и Саломон Калу.
Тренерот, пак, на Барселона Пеп Гвардиола смета дека неговите фудбалери се способни да се вратат на победничките патеки, но напоменува дека играчите на Челзи се во подобра физичка кондиција, бидејќи Ди Матео можел да ротира осум играчи во саботата против Арсенал, а тој против Реал не (на клупа ги остави Санчез, Фабрегас и Педро). Вечерва Гвардиола се очекува во првиот состав да го врати Пике.
Легендата на Барселона, Јохан Кројф, е убеден дека Барселона ќе го елиминира Челзи. „Мислам дека Барса ќе оди натаму“, напиша Кројф во својата колумна во „Де телеграф“.
„И покрај тоа што загуби два важни натпревари едноподруго, очекувам уште една добра претстава на „Ноу камп“. Не може да го компарирате поразот од Реал и оној од Челзи. Барса направи многу шанси во Лондон, но не успеа да ги реализира. Против Реал немаше сериозни шанси, бидејќи едноставните нешта беа погрешни. Сега повторно ќе создаде многу шанси и не ми се верува дека може да биде така слаба во реализацијата“, потенцира Кројф.
Евентуален пораз на Барселона би значел дека за прв пат по 2003 година Каталонците ќе доживеат три порази по ред.
Можни состави
Барселона: Валдес, Алвеш, Пике, Адријано, Чави, Бускетс, Иниеста, Санчез, Меси, Педро
Челзи: Чех, Ивановиќ, Кејхил, Тери, Кол, Микел, Мејрелеш, Рамиреш, Лампард, Мата, Дрогба. |